Претстава со филмски кадри од 160 холивудски филма на МОТ

79
Ќе гостува и Словенско младинско гледалишче со „Идиоти“

Со „Блокбастер“ – претстава со филмски кадри од 160 холивудски филма, утревечер во Македонскиот народен театар ќе почне 43-от Меѓународен театарски фестивал „Млад отворен театар“ (МОТ), кој ќе се одржува до 28-ми месецов. Младинскиот културен центар, кој е организатор на МОТ, соопшти дека „Блокбастер“ или т.н. театарско НЛО, е претстава филм-пародија, создаден со повеќе од 1.400 кадри извадени од 160 холивудски филма.

– Од таа гигантска монтажа се раѓа блокбастер со оригинално сценарио. „Блокбастер“ е приказна за насилството од доминантната класа на обичните луѓе каде што хуморот се користи како инструмент за протест – соопшти МКЦ најавувајќи ја програмата на фестивалот.

Ќе гостува и Словенско младинско гледалишче со „Идиоти“ според сценарио на познатиот дански режисер Ларс фон Трир, претстава што едновремено е и смешна и критична, промислена, лесна и возбудлива. Германската претстава „Има уште“, пак, е експеримент и ново колективно кореографско искуство.
Новосадско позориште ќе го претстави на сцена текстот на Данило Киш „Гробница на Борис Давидович“ во режија на Александар Поповски на унгарски јазик. На програмата е и „Странци“ во режија на Нела Витошевиќ за која МКЦ наведува дека е претстава што ги отвора дилемите колку соочувањето со вистината нѐ прави подобри луѓе.

Португалската театарска компанија на Жоа Гарсија Мигуел ќе се претстави со „Го убивме шугавото куче“ – дел од проектот „Африкански бранови“, кој ги спојува Португалија и Африка,. „Балканската маршрута“ ќе ја прикаже маршрутата по која се движел театарскиот и филмски режисер Франц фон Столхен, по чие сценарио маршрутата почнува како театарски перформанс, во кој документарното и фикцијата се неделиви. Во претставата учествува и македонската актерка Наталија Теодосиева.
На фестивалот ќе биде изведена и „Чудна шума“ на кореографката Искра Шукарова, која ја поставува со студентите на ФМУ, како и премиерата „Шииит“ на домашната независна театарска трупа „Артопија“ во режија на Ирем Ајдим. На 43-от МОТ ќе биде изведена и најновата претстава на Битолскиот народен театар „Но(е)ва Македонија“ во режија на Кокан Младеновиќ, ангажирана општествена сатира, која реферира на историската мегаломанија на поранешната македонска власт.

Дел од МОТ ќе бидат и соло-проектот на Словенецот Марко Булц „Прва алтруистичка приказна“, „Болница“ на Јо Стромгрен Компани од Норвешка, „Над земја под облаци // некаде помеѓу“ во режија на Ирем Ајдим на „Ентропи студио“ од Истанбул. Веднаш по премиерата и отворањето на театарската сезона на Босанското народно позориште во Зеница, на 20 и 21 септември претставата „Буре барут“ на Дејан Дуковски, во режија на Нина Николиќ, доаѓа на МОТ како дел од културната соработка меѓу Босна и Херцеговина и Република Македонија. Ќе гостува и корејската претстава „(Во живо) БЈ Фауст“ на театарската компанија „Сисифе“ од Сеул, а фестивалската програма на 28 септември ќе заврши со „Црнила ремикс“, според класичното драмско дело на Коле Чашуле, музичко-драмски перформанс поставен од Јордан Симонов во продукција на Младинскиот културен центар.

Во деветте фестивалски дена „Млад отворен театар“ ќе се одвива на осум сцени низ Скопје – Македонски народен театар, Македонска опера и балет, „Кино Култура“, Македонска филхармонија, Универзална сала, Кино Фросина – МКЦ, Дансинг-сала во МКЦ и Драмски театар.

Цената на билетите во претпродажба до 19 септември е 200 денари, а потоа за сите претстави ќе чинат по 300 денари.

Фестивалот ќе има и богата придружна програма – два концерта, изложба „Сценографии 35“ – ретроспектива на 35-годишната сценографска кариера на авторот Крсте С. Џидров, одбележување 70 години на меѓународната мрежа на Интернационалниот театарски институт на УНЕСКО со претставување на драмската авторка, филмски сценарист и актерка од Русија, Јарослава Пулинович и промоција на електронската книга „Сирота мала богата драма“.