Преобоените фотографии на Дрнков потсетуваат на заборавениот селски живот

484

Владимир Благојевиќ, етнолог и уметник

Етнологот Владимир Благојевиќ, со своите десет слики, на исто толку црно-бели фотографии од легендарниот фотограф Благоја Дрнков, им даде нова димензија и привлече многубројна публика, презентирајќи ги на изложба во Музејот на Македонија

Вашата изложба „Преобоени фотографии“ отворена во Музејот на Македонија е навистина големо изненадување, на десет стари црно-бели фотографии на фотографот Благоја Дрнков им дадовте нова димензија, создавајќи по нив десет свои слики работени со комбинација на акрил, сув пастел, маркери и туш. Што ви беше главниот предизвик и цел со овој потфат?
– Целта на оваа изложба беше да се привлече повторно публиката да почне да ги истражува веќе подзаборавените фотографии на Благоја Дрнков и да се потсети на веќе заборавениот селски живот од пред сто години. Денешната зависност од дигитална технологија нѐ прави пасивни и мрзливи, додека на овие фотографии се прикажува дека без пот нема леб на масата.
На фотографиите се гледа дека сите селани придонесувале како заедница за успешен и плоден живот, од децата на чаркот, до жените на жетва со мажите на орање. Со додавање боја може да замислиме низ кое поле орале или колкава била топлината при жетвата. Со бојата се отвори нова димензија на фотографиите на Дрнков.

Во истиот музеј во кој изложувате работите како етнолог, водич-едукатор. Имаат ли овие ваши слики и едукативна функција, ако се земе предвид дека на нив е прикажан дел од животот што забрзано исчезнува?
– Овие слики, се разбира, ќе може да ги употребиме во нашата богата музејска едукативна програма, која почнува од септември и трае цела учебна година.

Во план ли ви е преобојување и на други малку или повеќе познати фотографии на Дрнков од колекцијата на Музејот на Македонија?
– Изненадувачкиот одзив на посетеност и пријатниот пристап на гостите кон моите дела ме замислија дека може да направиме уште една изложба повикувајќи се на многубројните фотографии на Дрнков.

Познат сте како автор на ликовни дела, на стрипови, меѓу кои е и стрип-серијалот „Црната аурора“, работите и разновиден накит, а сте учествувале и на самостојни и групни изложби. Како успевате да ги споите, а истовремено и да ги одвоите ангажманите како етнолог и уметник со потврден авторски печат?
– Па сите тие мали проекти од слики, цртежи, накит и стрипови, се одвиваат постепено. Можеби на јавноста ѝ изгледаат направени набрзина, но не и на мене, јас ги правам чекор по чекор, и ден по ден. Лист по лист и се создава стрип, скица по скица се создава цртеж, па слика. А исто е и со накитот, секој ден по едно парче накит и на крајот на годината се создава една колекција од сто парчиња. Мојот пристап е капка по капка, езеро.

Во кои сегменти од вашето уметничко ангажирање се чувствувате најисполнет и што наскоро може да очекуваме како ваш авторски или коавторски проект?
– Најинтересно во моментов ми е создавањето стрипови заедно со колегата Ивица Дуковски. Тука покрај што цртам, заедно ја осмислуваме содржината и создаваме ликови и приказни. Ако се оди по план, оваа година треба да излезат три нови стрипа и на крајот на годината можеби и неколку стоп-анимации.


Фотографот Благоја Дрнков (1914 – 2012), доајен на македонската документаристика и неприкосновен уметник во фотогравското мајсторство, беше роден и почина во Скопје, каде што живееше и работеше. За своето богато и значајно творештво доби многу награди и признанија, меѓу кои за најзначаен се смета Медалот за заслуги за Македонија. Со фотографирање Дрнков се занимавал уште како ученик, а по завршувањето на средното образование, се вработил во фотографскиот дуќан „Фотоаматер“, кога и ги купил својата прва филмска 9,5-милиметарска камера и сопствениот кинопроектор. Во неговата творечка биографија стои меѓу другото и дека во 1940 година станал и сопственик на „Фотоаматер“, како и дека неговиот опус има повеќе од 40.000 фотографии, со кои, како што е и наведено во образложението за добивањето на Медалот за заслуги за Македонија, „тој стана личност што е истовремено и институција“.