Првпат во историјата паралелен „нобел“ во Шведска

249

„Нова академија“ е основана за да се потсетат луѓето дека книжевноста и културата треба да промовираат демократија, транспарентност, сочувство и почит, без пристрасност и сексизам. Членовите на ова тело додаваат дека книжевноста сега, кога човечките вредности сѐ повеќе се доведуваат во прашање, станува уште поважна во запирањето на културата на молк и опресија

Во Шведска, група луѓе од областа на културата најавија сопствено доделување на книжевен „нобел“. Откако академијата во мај објави дека поради скандалот со сексуалното вознемирување оваа година нема да ја додели Нобеловата награда за книжевност, група шведски претставници на различни културни сфери, обединети под називот „Нова академија“, најавија дека ќе одржат алтернативно доделување во октомври.
– Минатата година повеќе жени го обвинија Жан Клод Арно за сексуално и физичко малтретирање, кој сопруг на членката на Шведската академија, поетесата Катарина Фростенсен. Тоа поведе бран оставки во одборот на академијата, вклучувајќи и од претседателката Сара Даниус. Поради тоа академијата објави дека добитникот на наградата за 2018 година ќе го објави во 2019 година, заедно со лауреатот за таа година. Во знак на протест, меѓутоа, стотина шведски луѓе од културата, писатели, актери и новинари, ја поведоа т.н. „Нова академија“ и најавија сопствено алтернативно доделување на наградата – наведува „Гардијан“.

Сара Даниус даде оставка од челното место во одборот на Академијата

Жирито за доделување на Нобеловата награда за литература остана без можност да носи правосилни одлуки со повлекувањето на тројца членови по скандалот поврзан со Катарина Фростенсен. Таа беше обвинета за проневера на пари и предвремено обелоденување на имињата на идните носители на наградата. Нејзиниот сопруг, влијателен функционер од шведските културни кругови, пак беше осомничен за сексуални напади.
„Нова академија“, пак, е основана за да се потсетат луѓето дека книжевноста и културата треба да промовираат демократија, транспарентност, сочувство и почит, без пристрасност и сексизам, како што наведоа во изјавата членовите на ова тело.

Тие додаваат дека книжевноста сега, кога човечките вредности сѐ повеќе се доведуваат во прашање, станува уште поважна во запирањето на културата на молк и опресија.
– „Нова академија“ смета дека е важно најзначајната светска награда за книжевност да се додели во 2018 година – наведоа тие и ги повикаа сите шведски издавачи да номинираат автори.
Кандидатите може да бидат од која било земја во светот, со барем две напишани книги, од кои едната објавена во последните десет години. Во потрагата по писател што раскажал „приказна за човештвото“, за разлика од Нобеловата награда, која, според основачот Алфред Нобел, се доделува за автор што напишал „исклучително дело со идеалистички стремежи“.

„Нова академија“ по примените номинации ќе објави јавно гласање, по што четирите најпопуларни автори ќе одат пред жири. Комисијата ќе ја предводи Ан Палсон, а во неа се и професорката на Универзитетот во Гетеборг, Лизбет Ларсон, и книжарката Гунила Сандин.
Ова е првпат во вековната историја на најпрестижната светска награда за литература да се доделува паралелна награда со истото име, иако и претходно имало разни проблеми во врска со ова книжевно признание.


Контроверзии низ историјата

Закани по живот: Салман Ружди
Романот на Ружди „Сатански стихови“ (1988), иранскиот врховен верски поглавар го сметаше за богохулство, па објави „фатва“, награда за главата на писателот. Ружди со години потоа мораше да се крие. Шведската академија тогаш не зазеде став, па двајца членови на жирито поднесоа оставки. Дури 27 години подоцна, академијата ги осуди заканите.

Доцно признание за „првенецот“ на Томас Ман
Кога Томас Ман ја доби наградата во 1929 година, тоа не беше за неговиот тогаш од печат излезен роман „Волшебен брег“, туку за неговиот дебитантски роман „Буденброкови“, во тоа време стар 30 години. Жирито го сметало романот „Волшебен брег“ за „развлечен и флегматичен“.

Не е литература, но сепак се силни зборови – Винстон Черчил
Британскиот премиер Винстон Черчил всушност бил кандидат за Нобеловата награда за мир, двапати бил на листата. Во 1953-та тој ја доби наградата, но – за литература. Жирито ја фалеше неговата историска и биографска книга за Втората светска војна поради „реторичката уметност со која ги бранел човековите права.“

Не смееше да ја прими наградата – Борис Пастернак
Советскиот автор, светски познат по својот роман „Доктор Живаго“, беше одликуван во 1958-та. Но неговата влада му се закани со прогон ако ја прими наградата. Пастернак попушти, а Здружението на писателите го исклучи од своите редови. Сепак, Пастернак остана во Советскиот Сојуз. Неговиот син во 1989 година во Стокхолм го прими Нобеловиот медал на својот татко.

Ги сакал само парите – Жан-Пол Сартр
Во 1964 година Нобеловата награда требаше да ја прими францускиот драматург и филозоф Жан-Пол Сартр. Неочекувано, тој го одби признанието („Секоја награда создава зависност“). Се зборува дека години подоцна, одоколу се распрашувал дали сепак може да ги добие парите – 273.000 шведски круни. Но ова е веројатно само измислена анегдота.

„Тоа не е литература“ – Дарио Фо
Тој е само „забавен уличен циркусант, а не автор од светска класа“, критикуваше револтираната литературна елита кога во 1997 година беше одликуван италијанскиот драматург Дарио Фо. Како сатиричар, тој возврати во свој стил. На својот говор во Шведската академија тој му даде наслов „ Против отворените улични циркусанти“ и свеченото доделување на наградата го претвори во сатирично шоу.

Премногу луѓе – Елфриде Јелинек
Австриската писателка Елфриде Јелинек не сакаше да присуствува на доделувањето на наградите кога беше одликувана во 2004 година. Образложение: има страв од многубројната публика и ненадејната популарност. „Психички не сум во состојба лично да се соочам со ова“, порача Јелинек, а жирито мораше да го прифати тоа. Сепак, Јелинек одржа говор, преку видеопорака.

Не сакаше да зборува – Боб Дилан
Боб Дилан е првиот музичар што доби Нобелова награда за литература, во 2016 година. Музичкиот свет го славеше поради тоа. Но Дилан се дистанцира и се чинеше незаинтересиран за своето високо признание. Тој го откажа учеството на свеченото врачување и не испрати ни свој говор. Во март 2017 година, сепак, отиде накратко во Стокхолм и го зеде својот медал.