Петнаесет филма во трка за „златна мечка“

57

Берлинале

Во трката за главната награда „златна мечка“ на годинашниот 71. меѓународен Филмски фестивал во Берлин, кој ќе започне онлајн на 1 март, ќе се натпреваруваат 15 филма. Директорите на фестивалот, Карло Чатријан и Мариет Рисбек, во онлајн обраќање ги најавија филмовите што ќе се прикажат оваа година во натпреварувачката програма на фестивалот.
Поради пандемијата на коронавирусот, еден дел од фестивалот, во онлајн формат, ќе се одржи од 1 до 5 март, додека другиот дел, наменет за публика во киносалите, ќе се одржи од 9 до 20 јуни годинава.

Потврдено е дека 15 филма ќе се натпреваруваат за главната награда „златна мечка“ на годинашното Берлинале. Годинашното жири за натпреварувачката програма го сочинуваат автори што ја освоиле „златната мечка“ на едно од претходните Берлиналиња, а меѓу нив е и босанската филмска авторка Јасмила Жбаниќ, чиј филм „Грбавица“ беше награден со „златна мечка“ во 2006 година.
Освен Јасмила Жбаниќ, членови на жирито се Џанфранко Роси (Италија), Илдико Енеди (Унгарија), Адина Пинтилие (Романија), Надав Лапид (Израел) и Мохамад Расулоф (Иран).
На годинашниот фестивал ќе бидат прикажани 166 филма од 59 земји.