Отворена дискусија „Женски простори“ во МСУ

209

„Женски простори“ е отворена дискусија и перформативен простор на вмрежување во рамките на програмата на изложбата „Родови перцепции“, во потрага по нови и иновативни формати за вклучување на жените во уметноста во различни контексти, кои работат на искоренувањето на родовиот диспаритет во современата уметност

Отворена дискусија со наслов „Женски простори“ ќе се одржи денеска, од 19.30 часот, во Музејот на современата уметност, во рамките на изложбата „Родови перцепции“. Учествуваат Лана Здравковиќ од „Место женск“ од Љубљана, Јана Коцевска и Кристина Леловац од „Тиит.инк“ од Скопје и Кумјана Новакова од МСУ-Скопје. „Женски простори“ е отворена дискусија и перформативен простор на вмрежување во рамките на програмата на изложбата „Родови перцепции“, во потрага по нови и иновативни формати за вклучување на жените во уметноста во различни контексти, кои работат на искоренувањето на родовиот диспаритет во современата уметност.

– „Место женск“ од Љубљана е платформа што продуцира и претставува современа, иновативна, критична, храбра и радикална уметност. Таа ги претставува и промовира локалните и меѓународните уметнички, теоретичарки, културни работнички, ја изложува општествената реалност во која се продуцира уметноста и во која уметничките живеат/работат, го привлекува вниманието на дискриминацијата во уметноста и културата. Платформата има цел да ги подобри условите за жените во уметноста и културата, да ги негува трансдисциплинарниот и интерсексуалниот пристап, да не ги прифаќа стереотипите, дисциплинирајќи ја уметноста или одвојувањето на практиката и теоријата и да ги охрабрува социјална рефлексија, свест, солидарност и прифаќање на различноста – велат од МСУ.

Основните сфери на интерес и дејствување на „Тиит.инк“, пак, се женските права, женската интелектуална и креативна продукција, активното учество во промоцијата и развојот на независната културна сцена и граѓанскиот активизам во Македонија и регионот.

– Ги реализираме и унапредуваме своите активности во овие сфери преку поттикнување и афирмирање на различноста, истражувањата, неформалното образование и промоција преку креативна размена и соработка на актерите од овие области на дејствување. Од самиот почеток на своето постоење, реализираме активности што во својот фокус ја имаат активната женска сфера, нејзината поддршка и промоција – велат од „Тиит.инк“.

Во Музејот на современата уметност сѐ уште публиката може да го види светот низ перцепциите на жените уметници, вклучувајќи сличности и разлики во изборот на делата на некои од најпознатите британски и македонски уметници, кои зборуваат за женските прашања денес. Изложбата „Родови перцепции“ во Скопје е резултат на соработката помеѓу Британскиот совет и Музејот на современата уметност – Скопје, како дел од регионалниот уметнички проект „Перцепции“. Тој е веќе вреднуван од страна на музејскaта експертска јавност и следниов септември ќе биде претставен во Кјото, Јапонија, на една од најпрестижните музејски конференции во светот, пред Меѓународниот совет на музеите. Проектот претставува соработка помеѓу пет куратори од Западен Балкан, кои организираа пет изложби, во чии рамки презентираа 24 дела од 14 британски уметници од колекцијата на Британскиот совет.

Овие дела кураторите ги избраа во меѓусебна соработка, започнувајќи дијалог со локалните уметнички контексти. На тој начин „Перцепции“ прерасна во женски уметнички простор, во кој се испреплетуваат различни културни, политички и теоретски контексти во рамките на геополитиката на Западен Балкан – почнувајќи од Цетиње, преку Нови Сад, Приштина и Бања Лука, за конечно проектот да се претстави и во Скопје. Уметничките чии дела се претставени во Скопје се: Абигејл Лејн, Моника Мотеска, Камила Лоу, Евгенија Демниевска, Анета Светиева, Мадам Јевонд, Мирна Арсовска, Силија Хемптон, Лаура Олдриџ, Хелен Чедвик, Елизабет Прајс, Сара Лукас, Жанета Вангели, Ирена Паскали, Антеа Хамилтон, Трејси Емин, Клер Стренд, Џилијан Веринг, Верица Ковачевска, Љупка Делева, Рејчел Вајтрид, Христина Иваноска, Ана Темкова, Виолета Чаповска, и Лубаина Химид.