Орвел и Монтењ во Скопје

63

Ристо Лазаров

Чекајќи ја редовната доза кафе (и пријателите) во ладовината на ,,Пелистер“, немав друга работа, туку зјапав во минувачите, оние на кои око не им трепнуваше под јунскиот сончев вршник. ,,Пелистер“ е, инаку, место од кое не можеш, а да не ги видиш или Воинот на коњ или Самуил. На едниот сврти му грб, ти се испречува другиот. Просто, нема трета можност. Всушност, има една полуможност: да се откажеш од половината лавови во фонтаната кај Ацета и да се обидеш да дофрлиш подалеку, до споменикот на Димитрија Чуповски, веднаш до оној белиот ,,Мериот“, кај што кафе пијат некои големци и многу повеќе снобови.
И тука, баш пред ,,Мериот“, потсетувајќи се на Чуповски и на неговото македонско научно другарство од деветстотини и првата, на весникот ,,Македонски голос“ нешто подоцна во Петроград што самиот го финансирал, а во чие уредување бил ангажиран и Крсте Петков Мисирков, со мислите во минатото, демек, поттикнати од некои ,,размисли“ од соседството и на нивното толкување тука, кај нас, како да го видов Орвел. Да, баш Орвел! Не беше сам: оној што му правеше друштво како да беше Максим Горки. Се случуваат, ете, секакви глетки!
Обајцата, Орвел и Горки, му се приближуваат на бронзениот Чуповски и се обидуваат учениот наш со вкрстени прашања. Вкрстени, а веќе банални – сетики нема да бидат фатални.

Да, не е мал проблем што со денешен критериум многу лесно и набрзина го мериме минатото, потврдува Чуповски. Се мачи да не му се запали фитиљот, нема смисла, луѓево се од далеку, што ќе помислат за нас!?
Орвел сака да каже нешто, ама Монтењ е побрз: секој идентитет е повеќеслоен и погрешно е да се сведува на еден слој, на една категорија (национална, социјална, семејна итн.). Идентитетот си има своја внатрешна променливост, своја подвижност (некогаш трча стипл-чез!). Ако не сум изматуфел вековиве, чинам дека еднаш напишав дека ,,идентитетот е дел од движењето, нишањето со кое тој се дефинира“. И уште им заблагодарува Монтењ, на обајцата: ,,Ви благодарам што го паметите и што го сметате за прочуено местото каде што велам дека овој свет ,,се ниша“, дури и висовите на Кавказ…
А се спомна Кавказ, во муабетот се вмеша и Горки: во кочиите на минатото никаде не можеш да стигнеш, така некако. Што не го анулира прашањето: се постигнува ли посакуваната иднина со комисиско бришење на минатото? Во загледаноста кон иднината, ниту едно прашање не треба да се анулира. А иднината, уште недојдена, си носи и последици, отпрвин можеби невидливи. Има зли. Има зли мајстори, кои од минатото прават жив песок.

Далеку од спротива Чуповски се обидува да ме утеши, дека на крајот сакале-нејќеле сѐ ќе биде како што Господ го создал светот. Шепотот го нарушува песната за ,,блудницата вавилонска“ од еден умен телефон – сега и телефоните свират и пеат, и други дреболии прават, сѐ за инает на оние ,,љубопитните увца“ од ,,службите“.
Некако нагло старееш и се потпираш за кафеанската маса да не се струполиш наземи како комета. Приказна за мали деца е тоа дека е убаво да старееш, ако тоа води кон подобро. Старост – грдост.
Оној Орвел, најпосле, става точка на муабетот на скопскиот плоштад. ,,Кој го контролира минатото, ја контролира и иднината“.
Па сега, видете вие.
А кога ќе видиш што ќе видиш: Орвел и Монтењ си ја дувнале од плоштадот.