Објавена „Облици на моќ во современата книжевност“

54

Oд печат излезе новата книга на Калина Малеска насловена „Облици на моќ во современата книжевност“. По збирката раскази „Мојот непријател Итар Пејо“ (2016) и книгата за деца „Арно ама“ (2018), ова е трета книга на Малеска во издание на „Или-или“, овој пат како дел од истоимената есеистичка едиција. Корицата ја изработи Марија Смилевска, а излегувањето на книгата е помогнато од Министерството за култура.
Низ компаративна анализа на шест дела од современата литература: „Волшебникот“ од Џон Фаулс, „Деца на полноќта“ од Салман Ружди, „Кланица 5“ од Курт Вонегат, „Мојот Скендербеј“ од Драги Михајловски, „Мојата роднина Емилија“ од Влада Урошевиќ и „Она што беше небо“ од Владо Малески, авторката ги коментира облиците на моќ што ги поседуваат ликовите во книжевноста и нивното влијание врз другите карактери, истовремено отворајќи и безброј други теми и релации поврзани со оваа.

– Наведените книжевни мислители сметаат дека литературата има своја структура независна од општествено-политичката реалност, дека читањето поезија или приватните меѓучовечки односи не се израз на политички став. Зошто ваквите гледишта се толку влијателни и широко распространети? Причината, барем делумно, се должи на тенденцијата за идеализирање на литературата; на неиздржаниот став дека може да постојат трајни вредности што не зависат ниту од времето во кое авторот творел ниту од местото каде што живеел; на стравот дека ако се признае дека книжевноста зависи од општествените околности, тогаш треба да се прифати дека не важат таканаречените „објективни“ критериуми за процена на едно книжевно дело – вели издавачот.

Калина Малеска е македонска писателка. Нејзини раскази и книжевни анализи се објавени во повеќе домашни и меѓународни списанија. Малеска предава утописка/дистописка литература и предмети од областа на англофонската книжевност на Филолошкиот факултет. Се занимава и со книжевен превод.