Номадот Ацо Шопов, 5

323

И кога е јадровит, и кога е расприкажан, поетскиот јазик на Шопов е напрегнат или веќе ставен во движење, во замав, какви што се (со)дејствувачките елементи во неговото геопоетско доживување.

Ах таа убавина, ах таа убавина,
тоа диво во крвта завивање.
Кине, граба, сече, носи како лавина,
вечна е притаеност и вечно откривање.

Зборот кај Шопов нема едно потекло, едно извориште. Се раѓа, вели поетот, „…од глуждот или од каменот или од ноќта или од своите смрти, нема сигурен и постојан облик“. Зборот кај Шопов е збор-номад, постојано во потрага или, пак, поетот е тој што е во потрага по него.

Пронајди збор што личи на обично дрво,
што личи на дланки јагленосани и
прародителски голи,
што е чедност во секое молење прво.
За таков збор телото мое те моли.

Зборот што постои, а не е најден, што може да се насели насекаде, а е недофатлив, што патува низ конкретниот свет, ја задржува симболичната аура (што не дефинира, туку низ која се влегува и се минува), таа номадска предвидливост во непредвидливото, што во поезијата на Шопов убаво ја чувствува и Зоран Анчевски: „Постоењето на тој збор е единствено можно со постојано одлагање на неговото раѓање, со континуирано присуство на неговото отсуство“.
Номадската потрага е исто толку страсна во истражувањето на внатрешните лавиринти, каде што темно меандрира сопствената крв.

Небиднинската поетика проникната со митски праслики опсесивно ја негува и ја повторува соодветната симболика на крвта, персонифицирана низ опозицијата на божеството и демонот. Неспокојната, мистериозна крв, во дослух со тајните на космосот, едновремено сетилна и симболична, може да биде токму тој пат кон небиднината, но и од неа, пат на јанѕа, но и пркос, своевидно иницијациско прочистување.
Геопоетичката соживеаност на Елементите кај Шопов е поттикната и од неговиот митотворечки напор да се излезе од корупката на сопствената, однапред регулирана „историја“ и повторно да се открие хармоничното единство со природата, со времето, со смртта и со самиот себе. Во дејствувањето на елементите и нивните преобразби и соживувања низ навидум кревкото индивидуално постоење оживува митскиот, магиски принцип за космизација на енергијата. Во стихозбирката „Гледач во пепелта“, Шопов му посветува еден од најубавите свои поетски циклуси на Огнот.

Под двете ноќи ѕвезден обрач пука.
А огнот молчи. Пенушка од бука.
Ко чекач сраснат сред скриена чека
Тој стои овде од искона, од века.

(продолжува)