Нов графички роман „Легендите на Тур де Франс“

36

Излезе од печат новиот графички роман „Легендите на Тур де Франс“ од Јан Клејне, во издание на „Бункер“, кој ќе биде промовиран денеска, во 19.30 часот, во „Котур кафе и филм“. Промотори на графичкиот роман ќе бидат Ласко Џуровски и Јован Јовановски.

Јан Клејне (1977) е еден од истакнатите холандски стрип-автори од поновата генерација. „Легендите на Тур де Франс“ е неговиот прв графички роман со кој постигна голем успех. Покрај оригиналната холандска верзија, преведен е и на англиски, француски, германски, шпански, кинески (мандарински), дански јазик и објавен е во петнаесетина земји. Угледните „Гардијан“ и „Криејтив блок“ го вброија меѓу најдобрите графички романи објавени во 2014 година. Македонското издание е прво во овој дел од Европа.

Романот ја следи приказната на велосипедската трка Тур де Франс, еден од најголемите светски спортски настани, од нејзините почетоци во 1903 г. до модерните времиња. Во неа се вткаени 425.691 извозен километар, над 100 години традиција, големи тркачки легенди и скандали…

Објавувањето на графичкиот роман „Легендите на Тур де Франс“ на македонски јазик го поддржаа градот Скопје и холандскиот фонд за литература „Летернфондс“.
Издавачот „Бункер“ е единствената специјализирана продавница за стрипови во Македонија.