Недостига поголема отвореност на композиторите кон новите тенденции

1421

Она што може да се извлече како генерален заклучок за делата што прозвучеа на овој концерт е дека можеби недостига поголема отвореност на авторите кон новите тенденции во современата музика

Различни стилски и естестски специфики имаа делата на македонските композитори што прозвучеа на концертот на ансамблот „Контемпора“ во саботата, во Музејот на градот Скопје, во рамките на фестивалот „Денови на македонската музика“. Дела на композитори од различни генерации – на оние постарите, кои имаат оддамна утврден стил и авторски индентитет, и на помладите, кои сѐ уште го бараат својот личен израз меѓу различните стилови и техники на создавање. Интересен концепт имаше програмата на овој концерт бидејќи понуди увид во различните сензибилитет на авторите, а делата беа релативно „нови“, создадени во последниве петнаесетина години.

Она што може да се извлече како генерален заклучок за делата што прозвучеа на овој концерт е дека можеби недостига поголема отвореност на авторите кон новите тенденции во современата музика. Посебно постарите автори, кои и во „поновите“ дела цврсто се држат до типичниот сензибилитет карактеристичен за нивното досегашно творештво. Кај помладите секако, повеќе се чувствуваше таа отвореност, посебно во делата на Бојана Петровиќ Алексова и Ана Пандевска. Први дела, кои прозвучеа на овој концерт, беа композициите „Меланхолија“ и „Надеж“ од композиторот Тодор Бојаџиев. Напишани во романтичен стил, типичен за опусот на овој композитор чие творештво ротира околу класиката и популарните жанрови, овие две композиции за флејта, пијано и виолончело се надоврзаа на препознатливата естетика на Бојаџиев.

На овој концерт ја чувме и „Фолк чакона“, композиција што Благој Цанев ја напишал во 2008 година. Напишана за соло-гитара и во оваа композиција ги препознавме специфичните карактеристики на творештвото на Цанев, кое длабоко се инспирира од фолклорот преку употреба на цитати и стилизирани фрагменти што субверзивно се врзани со традицијата. Во композицијата „Концертантни пиеси“ за обоа, виолина, виола и виолончело од Гоце Гавриловски исто така можеше да се почувствува како заднина инспирацијата од специфичните ритми и мелодиски структури типични за нашата фолклорна традиција во фузија со современиот композиторски израз. „Флаута ламента“ од Љубомир Бранѓолица, како што сугерира и насловот на делото, беше ламентозно авторско обраќање преку звучни експерименти и структури со современ израз и авторски сензибилитет. „Четири пиеси“ на Стојан Стојков, дело напишано во 2005 година ги следеше музичките инстинкти на композиторот што се инспирира од традицијата преку употреба на специфични тонски низи и мелодиско-хармонски структури.

Четирите парчиња имаа заокружен концепт и формираа музичка интересна целина. Највпечатливи беа делата на Бојана Петровиќ Алексова и на Ана Пандевска, кои ја заокружија програмата на овој концерт. Делото „Sometimes we dance… a bit“ од Петровиќ Алексова имаше интересна звучна и формална структура, која започна да се развива од два репетирачки тона во пијаното што постепено градираа и аудитивно се прелеваа во другите инструменти. Специфичната звучност, современата естетика и концепт беа главни атрибути на ова музичко дело на Бојана Петровиќ Алексова. Камерното дело „Паљачо“ на Ана Пандевска имаше интересна звучност изградена на неколку мелодиско-ритмички мотиви што се повторуваа. На нивната репетиција всушност се темелеше звучното јадро на оваа композиција. Делото на Пандевска ја донесе толку посакуваната свежина на овој концерт. Музичарите од ансамблот „Контемпора“ одлично ги изведоа делата на македонските композитори што прозвучеа на овој концерт – посветено и со специфичен изведувачки сенс за толкување на современиот музички израз.