Научна студија Писателите ги „слушаат“ своите ликови како зборуваат

45
Алис Вокер, Вал Мекдермид

Некои писатели отсекогаш тврделе дека можат да ги слушнат нивните ликови како зборуваат. Енид Блајтон открива дека може „да следи и да чуе сè“, додека пак Алис Вокер опишува како нејзините ликови „ѝ доаѓаат на посета и разговараат“. Но едно ново истражување покажува дека ова необично искуство е присутно кај речиси две третини од авторите, кои откриваат дека ги слушаат гласовите на своите ликови додека работат.

Истражувачите од универзитетот „Дурам“, во соработка со „Гардијан“ и меѓународниот фестивал на книги во Единбург, испитаа 181 автор, од кои 63 отсто рекле дека додека пишуваат ги слушаат своите карактери како зборуваат. Истражувањето објавено во списанието „Свесност и сознание“ открива дека 56 отсто од анкетираните писатели пријавиле визуелни или други сетилни искуства со своите ликови, додека една петтина имала чувство дека нивниот лик го зазема истиот физички простор. Петнаесет отсто од писателите рекле дека дури би можеле да започнат дијалог со своите креации.

Главниот истражувач на проектот од универзитетот „Дурам“, Џон Фоксвел, вели дека писателите што биле испитани не опишувале исто искуство.
– Внатрешниот дијалог е феномен што луѓето го доживуваат на многу различни начини, при што некои луѓе вклучуваат гласови на луѓе што ги познаваат како дел од вербалното размислување. Без разлика дали секогаш сме свесни за тоа, повеќето од нас се обидуваат да предвидат што ќе кажат и што ќе направат другите луѓе во секојдневните интеракции. За некои од овие писатели, по некое време, можеби, нивните ликови почнуваат да „дејствуваат“ независно затоа што писателите развиваат исти „модели“ на личности што би ги развиле за вистински луѓе, па така тие создаваат и исти видови предвидувања – вели Фоксвел.

И покрај тоа што некои автори изјавиле дека нивните ликови имаат сопствен живот, истражувачите сакале да истакнат дека не се поставува прашањето дали писателите ја мешаат фикцијата со реалноста. Кога истражувачите ги добиле резултатите, тие покажале дека писателите не се склони кон халуцинации повеќе од преостанатите луѓе.
– Слушањето гласови и други невообичаени искуства не се симптом на проблеми со менталното здравје. Ова покажува дека живописните имагинативни состојби, вклучувајќи го и губењето на контролата врз сопствената имагинација, се здрава и безбедна работа што е важна за тоа како некои создаваат фикција – се вели во студијата.

Авторката на голем број криминалистички бестселери, Вал Мекдермид, пак, го призна феноменот, но објаснува дека е во состојба да изврши одредена контрола.
– Тие не се појавуваат од никаде. Но кога работам на роман, водам ментални разговори со нив. Кога излегувам на прошетка, се случуваат секакви расправии во мојата глава, а понекогаш се и гласни. Но ако не работам со карактерот, тој молчи. Мислам дека не дејствуваат независно. Тие го имаат животот што им го давам, не повеќе. Понекогаш кога си поставувам проблем или прашање пред да спијам, мојата потсвест го дава одговорот наутро, а тој одговор понекогаш е изненадувачки или неочекуван. Не мислам дека сум опседната од ликовите, само дека мојата потсвест е добра во обработката на податоците – вели Мекдермид.