Навидум слични, а дијаметрално различни ликовни светови

740

Тони и Емил Шулајковски, ликовни уметници

Емил во своите слики негува типичен експресионистички израз со доминантна лирска апстракција, дополнета со повеќеслојна текстура и изразит контраст, вели Тони. Братот близнак за неговото творештво вели дека јасно ја рефлектира неговата внатрешна и надворешна смиреност, барајќи го секогаш балансот на духовниот мир, зачинет со филозофски и медитативен допир на замислените светови

Браќата близнаци Тони и Емил Шулајковски, двајцата реномирани македонски ликовни уметници, половина век од животот го овековечија со интересна и несекојдневна изложба „Левел 50“, која сè уште е поставена во галеријата „Акантус“ во Скопје. Веќе цел месец нивните слики ги красат ѕидовите на оваа куќа на уметноста, а за самото отворање имаше огромен интерес и голема посетеност. Иако повеќепати изложувале заедно, тоа последен пат се случило пред 19 години.
Во биографските податоци на браќата Шулајковски исто така може да се прочита дека и двајцата дипломирале и магистрирале на ФЛУ во Скопје. Зад нив се голем број групни и самостојни изложби, дома и надвор од границите на нашата земја, а добитници се и на голем број награди. Емил учествувал на над 70 групни и на 27 самостојни изложби, а Тони свои дела изложил на стотина групни и на 53 самостојни изложби.

Дали сте задоволни од одекот на изложбата меѓу љубителите на ликовната уметност во Скопје, какви се реакциите, коментарите?
Тони: Да, задоволен сум од реакциите на публиката, поради фактот што поголемиот дел љубители на уметноста не се сеќаваат на нашето последно заедничко претставување, туку почнале да нè следат како индивидуални творци. Кога во еден изложбен простор изложуваат свои дела двајца браќа, и тоа близнаци, секогаш првите реакции и коментари се однесуваат на нашата сличност и различност. Досега сите наши изложби биле продажни и оваа е, а интересен е моментот што колекционерите што имаат дело од едниот, сега сакаат да ја збогатат колекцијата со слика од другиот.
Емил: Искрено, очекував голем интерес за изложбата зашто долго време не сме настапиле заедно. Двајцата имаме своја публика, така што ги споивме љубителите на уметноста да коментираат и уживаат во два навидум слични, а во исто време и дијаметрално различни ликовни светови. Посетеноста на изложбата е навистина голема во целиот период додека трае поставката. Реакциите и коментарите се одлични, особено како поставката ѝ беше визуелно претставена на публиката, нешто како дијалог со боите меѓу нас двајцата. Иако кај нас е секогаш кризно економско време, интересот за купување уметничко дело не е пречка за вистинските љубители на нашето творештво.

Не се случува често двајца близнаци да изберат идентична професија. Дали, сепак, вие некогаш се доживувате како конкуренција или ви е драго што со некој што ви е толку близок можете да разговарате за своето творештво?
Тони: Ликовното творештво е индивидуална професија и првиот предизвик е соочувањето со себеси, со своите соништа, мечти и стравови. Кога ќе зачекорите по својот пат, секој што ја одбрал истата професија како вашата ќе ви стане сопатник во откривање на искуствата што ги носи самата професија. Колегите се мои сопатници и не ги доживувам како конкуренција. Предност е што имам брат сликар и првите ставови, критики и размислувања ги споделувам со него.
Емил: Јас во никого не гледам конкуренција, а најмалку во мојот брат близнак. Во нашата, како и во секоја професија, има место за сите, само ако си сигурен во тоа што го работиш, нема потреба некого да го доживуваш како конкурент. Мене ми е особено драго што и двајцата тргнавме по истиот пат, така што во секое време имаш искрен соговорник и критичар за сè што создаваш на уметнички план и со самото тоа неминовно е понекогаш да се вклучуваме во заеднички проекти.

Планирате ли слични заеднички проекти и во иднина?
Тони: Изложбата „Левел 50“ е наше осмо заедничко претставување по две изложби во Скопје и по една во Белград, Љубљана, Охрид, Куманово и Битола. Последната заедничка изложба ја отворивме во Битола, пред 19 години, а скопската публика не нè видела заедно 21 година.
Емил: Ова е наша осма заедничка изложба. Нашите почетоци се врзани со заедничко излагање сè до 2000 година, реализирајќи ги изложбите во Скопје, Љубљана, Белград, Охрид, Куманово и во Битола. Со оваа изложба, нормално, не згасна идејата повторно и во иднина заедно да излагаме, но тоа ќе биде надвор од границите на нашата земја.

Има ли некои сличности во вашиот начин на работа, ликовен израз, во пристапот, студиозноста? Сте направиле ли досега некоја заедничка слика?
Тони: На прв поглед сличноста е во колоритот, но кога постудиозно ќе почнете да ги анализирате сликите, ќе забележите огромни разлики како во пристапот, композицијата, техниката така и во приказната што ја раскажуваме. На почетокот од нашата кариера, додека сè уште творевме во исто ателје, создадовме неколку заеднички слики. Со Емил насликавме пет слики и ги изложивме на нашата прва самостојна изложба, а други четири слики насликавме заедно со нашиот татко, сликарот Теофил Шулајковски-Тофе, и тие дела се изложени во Стоматолошки клиники и Културно-информативниот центар (КИЦ) во Скопје.
Емил: Познавајќи го Тони како работи, имаме комплетно различен пристап на работа, студиозност и концепција што се одликува на нашите различни карактери, но тоа не беше пречка на нашата прва заедничка изложба во 1995 година да насликаме пет заеднички дела, што претставуваше многу интересно искуство. На тие дела се гледа како две енергии се спојуваат за да создадат една целина.

Како би го опишале со неколку реченици творештвото на братот близнак?
Тони: Емил во своите слики негува типичен експресионистички израз, со доминантна лирска апстракција, дополнета со повеќеслојна текстура и изразит контраст. Во неговите слики доминира примарниот колорит, постигнат со сигурни, брзи и широки потези на четката. Иако во поголемиот дел од неговото творештво, тој слика експресивно, самиот експресионистички начин на сликање го развива различно во текот на изминативе години.
Емил: Творештвото на Тони јасно ја рефлектира неговата внатрешна и надворешна смиреност, барајќи го секогаш балансот на духовниот мир, зачинет со филозофски и медитативен допир на замислените светови што ги претставува на своите платна. Во неговите слики нема случајности, сè е испланирано до најмал детаљ.

Колку сè уште се придржувате кон советите што ви ги даваше вашиот татко, познатиот македонски ликовен уметник Теофил Шулајковски?
Тони: Најзначајни и сè уште применливи, за мене, се советите што ни ги даваше татко ми за усогласувањето на ликовната реалност со секојдневното суштествување. Работејќи како наставник, се обидувам да не ги советувам учениците, туку повеќе да ги насочувам преку разговори и дискусии во правец на откривање на својот потенцијал и капацитет. На тој начин им го олеснувам патот до реализација на нивните идеи.
Емил: Советите што ги добивавме од нашиот татко најчесто се однесуваа на самиот однос кон творештвото, секогаш да бидеш искрен кон тоа што го работиш и максимално да се посветиш да стигнеш до посакуваната цел, без разлика на тешкотиите што ти се испречуваат. Во однос со помладите колеги, моите мислења и искуства никогаш не ги наметнувам, единствено ако некој почувствува потреба од совет, тогаш несебично му помагам.

Кога сме веќе кај гените, има ли вас кој да ве наследи?
Тони: Синовите имаат дарба за цртање и сликање, но заинтересирани се за други професии во кои, делумно, можат да го искористат овој талент.
Постариот брат, Марио, не е заинтересиран за сликање. Тој е наставник по физичко образование и одличен физиотерапевт, со дваесетгодишно искуство, а уметничкиот ген го наследи неговата ќерка, нашата внука Ања.
Емил: Како и во секоја фамилија што негува некоја професија, желбата на родителот е некој да го наследи, но моите два сина веќе ги насочија своите интереси во други полиња, иако никогаш не се знае, можеби кога ќе формираат семејство нивните деца ќе имаат желба да ја наследат фамилијарната традиција. Нашиот постар брат, и покрај тоа што беше опкружен со сликари, никогаш не пројавуваше некој голем интерес кон тоа, повеќе го интересираа природните и општествените науки.

Колку ви значи вреднувањето на вашиот труд и надвор од нашите граници?
Тони: Реакциите на домашната и странската публика за моите дела не се разликуваат многу, зашто тие имаат универзална порака. Изложувањето во странство и присуството на моите слики во домовите во земји со различна култура е од голема важност. Тоа е показател дека вистинската уметност е препознатлива по автентичниот ликовен израз. Вреднувањето на трудот надвор од нашата земја, пак, покажува дека цената на едно дело никогаш не соодветствува на неговата вредност, но степенот на развој на свеста за уметноста, неспоредливо, се разликува.
Емил: Нема уметник што нема желба неговите дела да бидат присутни и изложени низ целата Земјина топка. Можам да кажам дека мои дела има во приватни и јавни збирки во повеќе од триесет земји низ целиот свет и речиси на сите континенти. Чувството дека преку твоите дела комуницираш со луѓе од различно потекло ја отсликува и вистинската смисла на уметноста како универзално средство за меѓусебна конекција.

Секој од вас има веќе препознатлив стил, чекори по своја креативна патека и постојано се усовршува, но дали понекогаш се осмелувате да излезете од комфорната зона?
Тони: Моето творештво е препознатливо токму по тоа – постојано збогување со зоната на комфорот. Секоја нова изложба се разликува од претходната и на самата изложба се гледа насоката по која ќе продолжам да се движам до следната изложба, и покрај тоа што никогаш целосно не може да се види каде ќе ме однесе истражувањето за реализација на новата идеја.
Емил: Јас, како творец, никогаш не сум бил во некоја комфорна зона во творештвото, тоа што е проверено и добро константно да го повторувам зашто ќе влезам во круг на себеповторување, што е многу опасно за мене како уметник. Со создавање на секоја нова слика се обидувам да откривам нови хоризонти длабоко во моите емоции. Нова фаза во секое творештво не оди прекуноќ или сосила, треба многу истражување и, најважно од сè, да ја почувствуваш потребата за промена за нешто ново, досега неискажано.

Со што сте ангажирани на професионален план во моментот и дали можеби изложбата ќе ја има и во други градови?
Тони: Се подготвувам за учество на некој од престижните светски саеми за уметност и верувам дека наскоро ќе ја остварам таа моја замисла. Истовремено ги селектирам најдобрите дела за завршната изложба на членовите на ликовното студио „Арс вивенди“ и преговарам за изложба во Шангај, така што „Левел 50“ ќе се пренесе на друг континент.
Емил: По завршувањето на изложбата „Левел 50“, за кратко време треба да реализирам самостојна изложба со мојата колешка и пријателка Јана Куновска во Домот на културата во Дебар, проект што требаше да го реализираме минатата година. За долгорочни планови сè уште е рано да се зборува. Моментално сум во процес на создавање нови дела, кои можат да се вклучат во моите следни проекти, независно дали ќе бидат самостојни или продолжување на соработката со мојот брат.

Емил Шулајковски
Тони Шулајковски