Мултимедијалниот проект „Имагинарни знамиња“ во „Мала станица“

73

Знамето како мотив е избрано затоа што претставува најсилен визуелен начин на брендирање на една заедница, која, пред суштинските правдољубие, љубов, чест, доблест, сака да ги истакне идентитетските вредности во смисла на национален, религиски, етнички и културен идентитет

Мултимедијалниот проект „Имагинарни знамиња“ на уметниците Маја Стефановска и Ален Реџепагиќ ќе биде претставен вечерва, во 20 часот, во мултимедијалниот центар „Мала станица“ при Националната галерија на Македонија. Проектот претходно беше изведен во рамките на 35-от интернационален фестивал „Сараевска зима“ во февруари годинава во Сараево, Босна и Херцеговина, кој и оваа година ги освои улиците, плоштадите, галериите и амбиенталните целини на градот, нудејќи богата програма.

Проектот и перформанс „Имагинарни знамиња“, кој има мултимедијален израз, е составен од инсталација од 12 принта, со димензии 80×160. Принтовите претставуваат имагинарни знамиња (амблеми), без конкретни симболи на каква било припадност (национална, верска, политичка, расна, родова…), така што мотивите не упатуваат, ниту пак асоцираат на одредена заедница или идентитет. Тие единствено ги претставуваат вистинските и трајни човекови вредности како емпатија, љубов, култура, животни ресурси, односно симболизираат благосостојба и се репрезент на она што е суштинско во битисувањето наспроти формализацијата од каков било вид.

– Според последниот попис на населението, во светот постојат 258 држави, а секоја од нив има свое знаме што ја симболизира конкретната земја. Кога размислуваме за текот на настанокот на знамето на некоја држава, обично се зема предвид историјата на таа земја и како таа се менувала и надградувала. Најголемиот број знамиња се во облик на правоаголник, иако има и такви со квадратен или триаголен облик, а мотивите и боите исто така се разликуваат, главно тоа се различни ленти, геометриски форми, крстови, ѕвезди, животни и сл., но нивната комбинација е секогаш уникатна – стои во текстот од каталогот.

Според Стефановска, принтовите што се дел од проектот „Имагинарни знамиња“ на секој начин се обидуваат да избегаат од какво било идентификување со одреден идентитет, но, од друга страна, задржуваат одредени карактеристики на постојните знамиња (како правоаголна форма, мотиви што веќе се користени…) за да укажат на неможноста да се опстои без некакво општествено устројство.
– Перформансот, пак, претставува наизменично уништување и обновување на изложените знамиња во просторот на галеријата. Прво, поставување на знамињата на своевиден јарбол, а потоа буквално уништување со кинење на материјалот, како последица на деструкција, гнев, револт, фрустрација, немоќ. Истрајноста на човековите вредности, пак, е прикажана со повторно поставување нови знамиња – вели Реџепагиќ.

Знамето како мотив е избрано затоа што претставува најсилен визуелен начин на брендирање на една заедница, која, пред суштинските правдољубие, љубов, чест, доблест, сака да ги истакне идентитетските вредности во смисла на национален, религиски, етнички и културен идентитет. Перформансот, пак, ќе претставува наизменично уништување и обновување на изложените знамиња во просторот на галеријата. Прво, поставување на знамињата на своевиден јарбол, а потоа буквално уништување со кинење на материјалот, како последица на деструкција, гнев, револт, фрустрација, немоќ…

– Истрајноста на човековите вредности, пак, е прикажана со повторно поставување нови знамиња. Во видеото ќе биде прикажано репетитивното уништување и обновување на вредностите, а впечатокот ќе биде засилен со аудиозапис на снимени звуци на бучава, бесни извици, ракоплескање, свирежи како израз на чувства што ги предизвикува издигнувањето или уништувањето на едно знаме (чувства на бес и гнев, но и чувства на слава, гордост и верност).

Целта на проектот е да ја покаже неуништливоста на суштинските човечки вредности – велат авторите.

Маја Стефановска (1972 г.) дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 1996 година, работи како професорка по ликовна уметност во средно училиште. Имала повеќе самостојни изложби и учествувала на повеќе групни претставувања надвор од земјава. Реџепагиќ (1973 г.) дипломирал на ФЛУ, отсек скулптура, во 2006 година. Реализирал голем број изложби во Македонија и во странство, а добитник е и на наградата „Јордан Грабул“ на ДЛУМ во 2010 година.