„Мртва природа“ на Пикасо крие досега невиден цртеж

143

Откриен е досега невиден цртеж на Пабло Пикасо, што се наоѓал зад едно од неговите најпознати дела „Мртва природа“. Цртежот бил откриен со помош на технологија на рендгенски зраци што експертите ја користеле за испитување на делото „Мртва природа“ на шпанскиот кубистички сликар, насликано во 1922 година, во обид да ја проценат природата на некои брчки што биле забележани на платното.
Скицата, зацврстена на задниот дел од платното, прикажува стомна, чаша и весник поставени на стол. Пикасо е познат по тоа што користел стари платна и сликал врз отфрлените цртежи.
Истражувачите од Институтот за уметност во Чикаго, каде што е поставена сликата „Мртва природа“, рекоа дека откритието е необично. Истражувањето беше публикувано во јули. Цртежот бил очигледно покриен со слој од бела боја, пред уметникот да започне да го слика своето познато уметничко дело врз неа.

– Ова се чини необично за практиката на Пикасо, бидејќи тој честопати сликал директно врз претходните композиции, дозволувајќи им на основните форми да се прикажат и да влијаат на следната слика – велат истражувачите.
Датумот на „Мртва природа“ сугерира дека сликата била завршена на 4 февруари 1922 година. Пикасо првично му го подарил уметничкото дело на пријател, познат романсиер и колекционер на уметност Гертруд Штајн.

Во 2018 година, откриен е пејзаж на Пикасо под сликата „Клекнатиот питач“ насликана во 1902 година. Не се знае кој е авторот на пејзажот, чии контури служеле како инспирација за човечката фигура на Пикасо.
Пикасо, сликар и скулптор, чие творештво е една од движечките сили на почетокот на кубистичкото движење на 20 век, ги насликал: „Расплаканата жена“ и „Герника“, кои во моментов се изложени во музејот „Реина Софиа“ во Мадрид.