Монографско претставување на кинеската култура од почетоците до денес

48

„Вовед во кинеската култура“ е наслов на книгата од кинеските автори Је Ланг и Џу Лиангџи што деновиве е објавена од друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“. Книгата претставува монографско претставување на кинеската култура од почетоците на кинеската цивилизација и големите пронајдоци на древна Кина до денес. Во неа е даден преглед на севкупната кинеска култура, со посебен детален опис на најзначајните аспекти и на одредени уникатни карактеристики и одлики на кинеската култура.
Овој монографски преглед на кинеската култура веќе е објавен на петнаесетина јазици, односно речиси на сите поголеми јазици во светот. Преводот на македонското издание од англиски јазик е на Елена Саздовска.

Во 30 поглавја, и со голем број илустрации, во книгата се објаснуваат класичната филозофија, мудроста и религијата на Кина, креативноста и комуникацијата, уметноста и естетиката, како и нејзините народни обичаи и традиции. Книгата се фокусира на културниот дух и основните вредности, демонстрирајќи го шармот на кинеската култура со атрактивни описи, како и животните ставови и естетскиот вкус на кинескиот народ и универзалните вредности содржани во кинеската култура.
– Освен општото знаење, оваа книга дава детален вовед за одредени специфични особености и акценти на кинеската култура, односно духот и суштинските вредности на кинеската култура, особено оние со универзално значење, овозможувајќи им на читателите да стекнат подлабоко разбирање и запознавање на суштината на кинеската култура. Темите опфатени во оваа книга се движат од древните чуда, како што се Забранетиот Град, Големиот ѕид, теракотната војска и традиционалните живеалишта на обичните луѓе, па до трајните уметнички дела во калиграфијата, сликарството, пејзажното сликарство, градинарство, пекиншката опера, порцеланот – велат од „Македонска литера“.

Авторите се врвни познавачи на кинеската култура. Је Ланг е професор по филозофија и декан на Факултетот за уметности на Универзитетот во Пекинг. Неговите главни дела се однесуваат на историјата на кинеската естетика и естетика во кинеските романи. Џи Лиангџи е професор по филозофија на Универзитетот во Пекинг. Автор е на повеќе дела за кинески уметности.