Монографиjата „Манаки“ од Игор Старделов достапна онлаjн

45

Кинотеката на својата веб-страница продолжи да прикачува дел од своите изданија. Деновиве достапна за читателите е и монографијата „Манаки“ од авторот Игор Старделов, издание на Кинотека од 2003 година.
Монографијата е еден заокружен научен труд за дејноста, значењето и активноста на првите сниматели на Балканот, браќата Манаки, и донесува нови сознанија за нивната фотографска, филмска и киноприкажувачка дејност.

Низ шест поглавја авторот ги разгледува не само биографските моменти и творечкиот опус на браќата Манаки туку и критички демистифицира одредени историски факти и тврдења за нивниот живот и дело, ги анализира содржината и структурата на нивните филмови и изразните елементи, како монтажа, структура и хронотопичност на кадарот, семиотика на филмската слика, кинестетски карактеристики на масовните сцени итн.

На крајот, со посебен прилог, Старделов се осврнува кон предизвиците на реставраторските и конзерваторски хемиски процеси со кои се заштитени филмските ленти на браќата Манаки.
Во 2014 година, монографијата „Манаки“ беше преведена и на турски јазик.

Игор Старделов е раководител на Одделението на заштита на филмови и филмски материјали на Кинотеката. Објавил повеќе научни трудови од областа на историјата и теоријата на филмот во домашни и во странски списанија, а меѓу другото раководел и со проектите за заштитна реставрација на филмските ленти и дигитализација на филмовите на браќата Манаки.