Милан и Мишко

72

Ристо Лазаров

Првпат го сретнав како Милан. Милан Ѓурчинов – авторитетен, еминентен проследувач на македонските литературни текови и угледен зналец на светската, особено на руската и француската, литературна мапа. Беше тоа есента 1967 година, кога тој гостуваше на трибината за литература во Работничкиот универзитет во Штип, која ја беше осмислил Михаил Ренџов. Таквите настани обично завршуваат со прашање за прашањата: има ли некој нешто да праша. Стутулен средношколец, некаде во последните редови, сепак собрав сили да му поставам едно прашање на професорот – за ,,Лица со маски“ од Владимир Костов беше збор, за тоа зошто нашата критика, чиј висок угледник беше професорот, го премолчува тој роман. Тркалесто, па на ќоше, така се вели за одговорите без одговор. Но одговорот на професорот стигна набргу, во свечениот 29-ноемвриски број на ,,Нова Македонија“, распослан на цела страница, под наслов ,,За Владимир Костов, за мојот мал штипски пријател, за сите нас“. Професорот не го беше фрлил прашањето во полињата на заборавот. Некои денес би рекле: има прашања што заслужуваат одговор. Набргу тој текст професорот го објави во книга, а стои и во неговите „Собрани дела“. На стутулениот штипски средношколец и денес не му е сеедно што тој дребен настан во нашата ,,литературна провинција“ доби таков епилог. Беше тоа, всушност, бележита потврда на карактерот на професорот и неговата доживотна определба да не се одбегнува, ами, напротив, да се негува дијалогот, во дијалогот да не се влегува од олимписки височини, да не се биде арбитер и омаловажувач на поводот за разговор, макар тоа било и стутуленото прашање на еден средношколец.

Следната средба се случи пак незакажано. Во 1972 година (колку брзо профрчувал половина век!) излезе мојата прва книга ,,Ноќна птица во паркот“, а тогаш беше обичај сите македонски поети што имаат објава меѓу две поетски Струги да се покануваат на поетското славје покрај водите на езерото и на Дрим. Таа година сместувањето беше во новиот охридски хотел ,,Горица“. Се разминувавме по скалите. Професорот беше во друштво на Оскар Давичо, јас сам, ќе да не бев веќе стутулен, ама сепак… Тој ме запре и му предложи на Давичо да запознае еден од најмладите македонски поети. Немав при себе примерок од книгата, но тоа го средивме утредента. Поважна беше намерата на професорот неговите пријатели да не бидат само негови. Не се сите такви, особено во паркот на писателските суети.

Во 1980 година бев удостоен со наградата ,,13 Ноември“ на градот Скопје за стихозбирката ,,Јана“. Претседател на жирито беше тој, професорот Милан Ѓурчинов. Па, 2007-та, ,,Ацо Шопов“ за ,,Чехопек“: претседател на жирито пак Милан Ѓурчинов… Па, во неговите антологии на современата македонска поезија тука и во светот… А воопшто не бев од неговата ,,голема четворка“ на која ѝ беше приврзан до последниот здив, без оглед што некои го изневерија. Не беше за мир в куќи по секоја цена, но не беше ни злопамтило. Интелектуалниот габарит што го имаше не го потиснуваше во него интуитивното, човечно чувствување на човекот.

Долги години потоа, долги разговори под муренката во Охрид. Катаден. Некои работи се случуваат случајно, а се паметат за навек. Друштвото не многу големо (понекогаш се прошируваше од љубопитници), а разговорите понекогаш и вжештени, не ќе да е само од охридското сонце. Кога ќе заесенеше, друштвото ја менуваше локацијата: секоја сабота во 11 часот првин во ,,Уранија“, па во ,,Томче Софка“ во Градскиот парк во Скопје. Времето штедро со теми – од актуелни, поактуелни. Разговорите врват од левата страна на времето. Да, нека се подвлече тоа – од левата страна. Но не се еднобојни, вријат од спротивставувања, некакви природни филтри на продлабочените анализи. Со нетрпение и љубопитство се очекува зборот на професорот, што напати се доживуваше и како беседа на стар мудрец, кој беше ,,на ти“ со највисоките антички мисловни врвови.

Во неговиот мисловен опсег минатото (искуството и знаењето) немаше дно, но погледот му беше свртен кон иднината. Им се радуваше на младите марксисти, се дружеше со нив, им држеше предавања. Веруваше дека ќе се најде чаре за татковината, одбиваше да биде нем набљудувач. Имаше не само желба, ами и план за ново списание што ќе го извлече дијалогот (особено во културата) од матежот што не донесува ништо освен меѓусебни препукувања, дисквалификации и понижувања. Не се помируваше со она што го донесоа првите две декади на новиот милениум: секогаш сакаше и се стремеше да биде подобро. Не веруваше во никого кој велеше дека не може да се стори ништо, ама баш ништо. Беше Македонец, но голем противник на национализмот. Кога ќе дојдеше национализмот на ,,дневен ред“, имаше навика да го цитира Албер Ками: ,,Премногу го сакам својот народ за да бидам националист“. Не го забораваше ни југословенскиот културен и општествен простор. Беше првиот што во самостојна Македонија одржа говор пред бистата на Тито.

Еден од ретките наши мислечки луѓе што беше во тек со современата марксистичка и левичарска мисла и кој знаеше зошто Маркс бил во право. И кој не го таеше тоа, напротив. Пред една деценија, во негова организација и под негово претседателство, во Охрид се одржа Светскиот славистички конгрес. И сѐ така, со игнорирање на заморот на подвижната лента на животот.

За неговиот творечки опус е кажано безбели сѐ, макар што секогаш има нешто да се придодаде. Овие редови, како што гледате, се вакцинирани од таква претенциозност. Единствено сакаат да прикажат понекое навидум не толку значајно парче од личноста на стамениот интелектуалец со изразита индивидуалност – таков каков што беше, а не таков каков што многумина од нашата фела мислат дека се. На крајот на неговиот бурен животен и творечки пат, пријателски се разделивме со – Мишко.