Миксот на културни вредности во Њујорк ме охрабри

153
Фото: Дарко Андоновски

Уметникот Менсур Бојда во скопската галерија „Грал“, на самостојната изложба „Мај фејворит тингс“, ги претстави новите дела што ги создаде во Њујорк, каде што живее пет години, фасциниран од пијаното, поточно од неговата клавијатура. Тој смета дека самата идеја да се биде присутен во современиот свет е многу битна, за разлика од тоа да се биде присутен во минатото или да се биде следбеник на таква мода што е диктирана од кој било правец

Колку се изненадивте самиот од својата работа во Њујорк, каде што живеете веќе пет години, од создавањето на делата од изложбата „Мај фејворит тингс“, која беше презентирана во целост во скопската галерија „Грал“, а претходно дел од неа и во њујоршката галерија „МС“?
– Отсекогаш сметав дека уметникот треба да ја претставува ренесансната слика за него, сестран човек со квалитети во разни области: музички, но и книжевно поткрепен, да има знаење, нормално ликовно (можеби да е најдобар во тоа), но исто така и спортски да биде витален. Пробував да го разградувам тоа што повеќе можев во оваа средина, но на пример Њујорк е многу поактивно богат и има многу поголем културолошки пристап кон тие работи. И тој микс ги крши сите ограничувања во кој било контекст и во кои било идеи, кој си и што треба да бидеш и каква е твојата уметност. Кога отидов во Њујорк имаше две нови пијана од „Стенвеј енд Санс“, кои ми ги дадоа на чување во ателјеата. Не влегов со некоја амбиција дека ќе ги совладам техниките, ќе научам ноти, ќе станам перформинг-пијанист, туку чисто поради забава и моментот на докажување на себеси дека надградбата е една преубава природна појава, пополека, денови и денови почнав да поминувам многу часови на пијаното. Во првите неколку месеци по доаѓањето во градот, практично не работев во ателјето, туку барав решенија, се преиспитував себеси зошто и како сум ги правел дотогашните свои дела. Не дека не ми се допаѓаа повеќе, но не можев да го продолжам истото, ми немаше никаква смисла. Меѓутоа, миксот на културни вредности во градот, на слобода на избор, ми даде храброст да ги измешам сите работи за што немав смелост дотогаш. На пример, претходно соработував со стрип-цртачи и им правев насловни страници, но бев многу внимателен и стравував да не ги измешам тие особини во сликарството. Во Њујорк сфатив дека никому не му е гајле и да ги измешам, зашто тоа е уметност, затоа што можам и ми е дозволено. Со љубовта кон пијаното и моето наивно и невино истражување во тој правец, кој тотално ми е непознат, препознавав ликовни квалитети, буквално учебник на линија, на површина, на градација. И тотално ми имаше смисла да се занимавам со тоа и да го имплементирам во мојата ликовна практика. Си реков дека ќе направам некој нов дизајн на мој продукт, а сепак сакав да биде слика, бидејќи себеси се сметав за сликар.

Импресиониран сте од клавијатурата?
– Да, визуелно бев импресиониран од клавијатурата, пијаното како предмет е импресивно, но клавијатурата е толку едноставна, репетитивна, црно-бела, а толку моќна. Седев со часови, ги мерев, проучував разни дизајни, разни пијана, прашував дали моите сознанија се факти или шпекулации. Беше многу интересно, на пример, кога ги делев сознанијата во разговор со музичари, тие не ги знаеја, а јас доаѓав до нив само затоа што бев визуелно пленет. Ним, пак, им биле достапни на друг начин. Целиот тој систематичен дел на изработка на клавијатурата ми беше доволен како материјал да почнам да правам нешто со мојата уметност. И си реков дека ќе имитирам клавијатура, но ќе ја имитирам на друг начин, ќе правам два вида слики, затоа што никогаш не ја делев на октави и на акорди, бидејќи мене тоа ми е непознат јазик. Јас ја делев во визуелна селекција на фрагмент со три и со две црни типки и ако ги репетитирам, ќе имам линија на клавијатура. И од тоа сознание бев толку радосен што сметав дека најпосле отскокнав толку далеку што не ни сонував дека можам. И првиот дизајн, првата слика што ја направив, откако ја склопив ја закачив на ѕид. Се радував дека е нетипично за мене воопшто, со сета едукација и сето знаење каква треба да биде сликата, најпосле заборавив на тоа, се ослободив од правилата дека таа треба да биде дводимензионална. Бев малку и заморен од таа нарација што ми беше присутна во творештвото. Одлучив дека што и да направам, тоа мора да биде визуелно директно, читко, дури и за неедуцираните во уметноста, а со задоволство би зборувал зошто и како го имам направено, што мислам дека има многу повеќе смисла отколку што е тоа. Дојдов до еден нов пристап, бев растоварен од зборување на некој начин, визуелниот ефект беше многу јасен. Тоа веднаш беше препознаено од мојот драг визуелен уметник и соработник од Јапонија, кој сега и се пресели таму, Риота Сато, кој е и куратор на оваа изложба.

Како реагираше публиката, особено музичарите во Њујорк и во Скопје?
– Таа радост што сум ја имал присутна во самата изградба на делата сметам дека зрачи од самите нив и се рефлектира. Се виде дека многу повеќе за оваа тема имаме да си кажеме со музичарите отколку со ликовните уметници. Ликовњаците ме прашуваа по оваа изложба дали сѐ уште сликам како што сликав, а јас одговарав дека правам исти слики како порано ако има некои групни изложби што се тематски. Нормално, идејата и концептот ми се сменети, но сѐ уште сакам да работам со масло на традиционален начин, во дводимензионална смисла и не го сметам тоа како недостаток или како застарена приказна, но ова е нешто друго, кое додека е успешно и квалитетно нема потреба да се прекинува.

Сте работеле претходно и калиграфија, внесовте оттаму некои потези, но и други бои во „вашата клавијатура“?
– Имаше многу дизајн во сето ова, неминовно беше дека ќе правам реплика на типките, свесно одлучив дека во техничка смисла ќе го почитувам просторот помеѓу нив, ќе ги почитувам какви што се, недопрени. Јас не знам да свирам, се импресионирам само кога се поставени, без да се свири на нив. Пред да почнам да ги бојам црните типки сфатив дека е многу битно да не зачекорам во индустриски начин на изработка туку тоа треба да има ликовно богатство. Имав поминато одредено време на вежбање на калиграфија и на источна линија и сметав дека ќе биде перфектно ако и тој квалитет биде инволвиран во целата приказна. И инволвирав други техники: јапонски туш, масло, акрил. Сакав некои од тие дизајни да бидат исто претставени како принтови, делата да ги содржат сите тие ликовни елементи во едно затоа што јас веќе зачекорив во скулптуралност, па си реков зашто тоа да не биде и цртеж, па и принт, и да ги содржи сите квалитети. Овие дела се во тотална смисла неконвенционални, подложни се на редизајн.

На кој начин заминавте во САД?
– Никогаш немав амбиции кон Америка, бев насочен многу повеќе кон Јапонија, бидејќи веќе 17 години се занимавам со јапонско мечување и секогаш сонував за такво нешто. И сонот се случи. Бев на подготовки во Токио, бидејќи бевме домаќини на Европското првенство во Скопје во 2016 година, токму пред да заминам во Њујорк на проект-изложба во тамошниот Македонски центар. Во Њујорк веќе третиот ден почнав да ги барам опциите со кои легално можев да направам трансфер, направив апликација за уметничка виза, која е докторат сам по себе, ја предадов и за една недела ми дадоа одобрение, така што сите тие стравови од луѓето што ми кажуваа ќе биде вака или така, отпаднаа.

Имавте добри учители од Македонија, едниот од нив беше и сликарот Глигор Чемерски, чиј асистент бевте во еден период. Во биографијата се забележани и професори од Ликовната академија во Белград…
– Благодарен сум што сум имал пригода да ги запознаам тие луѓе и да имам кореспонденција со нив, но не сметам дека сум имал многу различна практика од кој било друг млад човек што се оформувал во сопствен правец. Знаев уште од многу мал дека имам голема љубов кон цртањето и сликањето и дека сигурно тука некаде ќе завршам, така што немав многу избор за тоа каде ќе ме води животот. Завршив средно уметничко училиште „Лазар Личеновски“ во Скопје, каде што се преселивме со семејството во 1993 година од Брод, во Драгаш, каде што претходно живеевме и каде што сум и роден. Прифатлива за мене и семејството беше идејата да студирам на Ликовната академија во Белград, а причина да студирам надвор од Скопје беше и потребата да се осамостојам.

Можете ли да живеете денес од уметничка работа, но и да изложувате во Њујорк?
– Да, работам во арт-индустрија за компанијата „Даунинг“, која организира изложби за сите галерии во Челзи, од „Гагозијан“ до последната галерија во тој кварт. Сѐ што се случува денеска во светот на уметноста е диктирано од тој кварт, од тие галерии. Самата идеја да се биде присутен во современиот свет е многу битна, за разлика од тоа да се биде присутен во минатото или да се биде следбеник на таква мода што е диктирана од кој било правец. Од техничка смисла не е лесно, треба да се издржи но можно е и да се изложува. Имав и самостојни, но и групни изложби, од кои дел и курирав. Многу фреквентно сум дел од групни случувања, а следен посериозен проект, групна изложба ќе ми биде во Кореја, во Сеул, на почетокот на октомври. Воспоставивме некаков вид заеднички интереси со корејски, њујоршки базирани автори и јапонски автори. Мрежата се шири сѐ повеќе и растеме кон некој вид квалитетен успех и поквалитетен пласман во Њујорк и надвор од него.

Што ве изненадува од областа на културата при секое доаѓање во Скопје?
– Фреквентно се враќам во Скопје на некои три, шест месеци, една година, така што не ја изгубив комплетно релацијата за одново да видам крупни промени. Следев дека, за жал, се отсекуваат многу работи. На пример, гледам дека од техничка смисла печатот и телевизиите немаат повеќе толку застапен интерес за културните случувања. Не знам каде е вината, но гледам дека не постои таков интерес каков што мислам дека претходно постоеше.