Маца (1)

362

Марија, но ја викаат Маца уште од дете. Потоа, во пубертетот, се префрли на Мери, и тоа име го носи низ гимназијата „Орце Николов“, со радосна дрскост (како порано прекарот Ками Лица) на најзгодна ученичка во генерацијата. Нејзиниот клас е во соседната просторија од неговата, соба до соба, и на големите одмори, кога по професорот со дневникот под мишка истрчуваат учениците меѓусебно буткајќи се и пискајќи, тој е меѓу првите, затоа што нозете сами му се движат, и одвај чека, барем на десет минути, да збрише од училницата. Мери небаре не го забележува. Со другарките од класот, се разбира погрди од неа, парадира низ училишниот двор, кикотејќи се, уште погласно, му се чини, кога минува пред него отколку пред другите момчиња, па тој уште повеќе се вовлекува во себе, како на журките во професорската зграда кај паркот.
Во професорската, како што кажува името, живеат универзитетски професори со своите семејства; Слиш, синот на еден од тие професори, д-р Стојанов од Природно-математичкиот факултет, ја преуредува мансардата на зградата во „клуб“: просторијата е со ниски тавани (поради што кон краевите дури мора да се поднаведнеш кога сакаш да седнеш на седиштата од скај, без ногалки, како извадени од некое „фиќо“, и не толку удобни, особено во летните вечери, кога кожата се лепи за скајот), но доволно широка, како две споени дневни соби, за да можат да танцуваат по десетина двојки. Ребрестиот грамофон од светло дрво „панорама“, со две звучни кутии, и четвртестиот бежов магнетофон „грундиг“, на кој, кога ќе се вклучи, му засветлува копчето на средината на кутијата, се „носачите на звукот“ во клубот.

Слиш, како инвентивен ученик по ОТО, на таванот поврзал неколку светилки во боја, кои потрепнуваат по ритамот (така што прегорените не се забележуваат). По ѕидовите се излепени постери на групи и пејачи од „Џубокс“ и девојки со голи големи гради од „Старт“. Во клубот се собираат, главно, во петок и сабота навечер, меѓу момците од друштвото се некои уште од времето на поплавата, Ацко и Мите, на пример, само сега со вратените вистински самогласки во името и со разбушавени и замачкани фризури. Вечерите почнуваат со „Ролингстонси“, „Ху“ или со брзите сонгови од Том Џонс. Импровизираниот шанк во облик на обратно латинично L (всушност дрвени сандаци споени со две штици озгора), придружен со неколку столчиња (со ногалки) на кои лефтерно се местат оние што ги кибицираат танцувачите.

Во средината, „подиумот“ на клубот, џускаат во група најсрамежливите, кои преку остри движења ја растоваруваат својата нервоза. Племенскиот танц трае и пулсира доста долго, за тоа време двојките на скајот се гушкаат и љубат со полуотворени очи и усни, а оние неколкумина осамени што седат меѓу нив се прават дека не го забележуваат тоа, иако во себе интензивно прават избор и смислуваат како да настапат во следната етапа. А таа се најавува со „Прокол Харум“, „Иглс“ или со бавните од Том Џонс. Воздухот станува погуст и уште потемен (тука доаѓа до израз мајсторството на Слиш кога го сведува светлото на само две жолтеникави светилки).
Мери, па таа е најзгодната, секогаш ја покануваат на журките, всушност ја молат да дојде, а таа се премислува, измислува лажни изговори, за сепак да се појави во сиот сјај, како на премиера, со задолжително доцнење и поважна од сите присутни. Се знае дека моментално е „без дечко“, што ја прави уште попредизвикувачка во очите на машките.