Македонски џез-фотографии во Белград

68

Во Центарот за млади во Белград е отворена изложбата „Џезтетика“ на Татјана Рантажа, фотографка од Македонија. Изложбата се состои од избор на фотографии од различни генерации на македонски џез-музичари со кои авторката работела во последните 15 години. Посетителите ќе имаат можност да погледнат фотографии на музичари како: Влатко Стефановски, Васил Хаџиманов, Мартин Џаконовски, Џијан Емин, Гоце Стевковски, Тони Китановски, Сетстат, Саше Поповски, Бодан Арсовски, Кокан Димушевски и други.
„Џезтетика“ е прва самостојна изложба на фотографии од Ранташа во Србија, организирана од здружението на граѓани „Номад-арт Скопје“ во соработка на Центарот за млади во Белград.

– Поставувањето на изложбата на Татјана е можност да им ги претставиме на белграѓаните нашата џез-култура и музичари, познати и непознати за пошироката јавност. Младинскиот центар е институција каде што се одвивале историски културни настани. Оваа институција е и организатор на белградскиот џез-фестивал, кој треба да се организира наскоро под овие тешки услови. Драго ми е што имаме можност да организираме изложба во центарот на овој храм за џез и култура во Белград – вели организаторот на изложбата Ненад Георгиевски од здружението „Номад-арт Скопје “.
Инаку, „Џезтетика“ првпат е поставена во 2018 година како дел од филмскиот фестивал „Скопје синема сити“, кога џез-музиката беше тема на фестивалот (придружуван од квинтетот на Гоца Стевковски и џез-филмови). Изложбата во Белград е дополнета со фотографии од настапи на македонски музичари на неодамна завршениот Скопски џез-фестивал. Изложбата ќе биде отворена до 6 декември.