Маалските јунаци на Туфан и на Станишиќ (1)

116

Со книгата „Не ме давај ним“ на Тарик Туфан се сретнав благодарение на книжевниот фестивал „ПроЗа Балкан“, годишно среќавање на прозни автори од балканските книжевности. Секоја година, македонската читателска публика има несекојдневна можност, во прекрасниот амбиент на „Даутпашиниот амам“, лице в лице да запознае шест одбрани балкански прозаисти. Меѓу нив, чести гости се турските автори – Марио Леви, Ахмет Умит, Асли Перкер, Мурат Ѓулсој, Ајфер Тунч и… минатата година – Тарик Туфан. Член сум на малата, но посветена група луѓе што го осмислува фестивалот од неговите почетоци, па дружењето со писателите, синхронизирано со читањето на нивните дела, ми овозможува комбиниран читателски и човечки предизвик. Така, и збирката раскази на Туфан пристигна до мене како дел од тој убав „пакет“.

Истанбул – една од светските престолнини, единствен по својата историска и географска позиција – преплет на Истокот и на Западот низ цивилизациски проникнувања, со политичка, религиозна и културна доминација – до ден-денешен е инспирација за низа книжевни мајстори од Еко и Танпинар, до Памук, Марио Леви… во чии дела глетките, ликовите, атмосферата, случките од велеградот создаваат клучна движечка, имагинативна сила. Во листата на прозните дела (а да не зборуваме за поетските, историографските, научните – од историите на уметноста, архитектурата, етнографијата…) се наоѓаат голем број книжевни остварувања непосредно инспирирани од велеградот на Босфорот, создавани од најразлични поетички и тематски аспекти.

Меѓу тие разновидни книги во кои Истанбул како простор и градиво за книжевна обработка има исклучително важна улога е и книгата раскази на Тарик Туфан. Но „Не ме давај нам“ (изд. „Прозарт медиа“, 2018, Скопје), не се вдахнува од големиот, светол и важен Истанбул, туку од оној затскриениот, полутемниот, маргинализираниот. Во воведниот запис „Пред да се почне со раскажувањето“ писателот ќе каже:
„Заклучокот на приказните што ќе ги прочитате е овој. Има населба. Луѓе што живеат во населбата. Настани што се случиле во населбата…
Споредни улички, оние што не успеале да си ги остварат желбите, вљубени што ќе умрат ако еднаш ги погледнат своите љубени в лице и деца со црни раце, лице и судбина.

Најмногу пишував за нив “.
На кој македонски автор најмногу личи писмото на Тарик Туфан? Помислувам на маалските јунаци во прозата на Солев, на битпазарските раскази на Јадранка Владова – книжевни остварувања со особен авторски печат, но во однос на карактеристичниот шмек на Туфановата маалска сцена како најблиска се наметна книгата кратка проза што неодамна ја промовирав – „Скиселени тикви“ на Саша Станишиќ. Генерациски блиски (Туфан е роден 1973 г., Станишиќ 1978 г.), обајцата успешни филмски сценаристи, тие поседуваат сличен интензивен интерес за неповторливите „малечки“ судбини.

Генерално, за човек што има намера да пишува проза (или сценарио за филм) е многу важно да умее да го гледа животот до и околу себе. Да умее да издвои лик или ситуација од својот видокруг, за потоа да може полесно да ја развие приказната. Ова особено е потребно кај „маалската литература“, онаа во која ликовите и ситуациите од комшилакот го интригираат писателот на најнепосреден начин. Секако дека од неговиот талент ќе зависи дали запишаното ќе го надрасне репортажното и ќе се обликува во книжевност. Во повеќето од расказите на Туфан и кратките прози на Станишиќ тој креативен зафат е ефективно изведен.

(продолжува)