Културните работници бараат сериозен третман на културата

302

Иницијативата „Културата е насловна страница на секое општество“ беше презентирана вчера во „Кино култура“, а нејзини претставници се: Биљана Тануровска-Ќулавковски и Виолета Качакова од „Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата“, „Театар на Навигатор Цветко“ и „Кино култура“, Рисима Рисимкин од „Интеракт – културен центар“ и Мирко Попов од „ПМГ рекордингс“, како и поддршка од „Факултет за работи што не се учат (ФР~У)/АКТО фестивал за современи уметности“

Тануровска-Ќулавковски истакна дека оваа иницијатива е поттикната од резултатите од „Годишниот конкурс за проекти од национален интерес во културата за 2019 година“ и актуелните состојби во Министерството за култура, кои, како што таа вели, повторно ја предочија потребата од посериозно системско планирање и развој на културата и надминување на нетранспарентниот и непрофесионален однос со неа.
– Поведуваме иницијатива за промена на ваквиот третман кон културата и уметноста и конечна разврска и решавање на проблемите со кои културните работници во државава се соочуваат – рече Тануровска-Ќулавковски.

Конкретните барања се: средба со премиерот, министерот за култура, советникот за култура на премиерот, националниот координатор за развој на културата и меѓуресорска соработка, потоа транспарентна ревизија на поддржаните проекти и повторно разгледување на одбиените проекти, воспоставување нови и јасно мерливи критериуми за оценување и одлучување, зголемување на буџетот за култура и ставање во функција на новиот закон за јавен интерес во културата.
Тануровска-Ќулавковски побара да се обрне внимание на оние организации што се одбиени или на оние проекти поддржани со недоволен износ, кои доставиле комплетна документација и имаат квалитетна програма.

– Културата за мене е област, универзална и космополитска во која се надминуваат и политичкиот и етничкиот критериум, и важи само принципот на уметничкиот квалитет. Ќе предложиме мерки преку кои овие прашања ќе можат да се решат, како и примери на кои овие прашања се решени и се третирани во други земји, за да создадеме ново, чисто и јасно поле за дејствување во културата. Нашата иницијатива е основана за да се избориме за воведување систем што ќе помогне во натамошното дејствување во културата и правилен развој и негување на културните вредности – рече Рисимкин.
Таа рече дека бараат конечно да се воведат критериуми за да се избегнат сите малверзации и неправилности при доделување на средствата и начинот на дејствување на културните работници и оператори во иднина. Беше предложено формирање работна група што ќе ги подготви овие критериуми.
Виолета Качакова кажа дека буџетот за култура треба да се зголеми и оти Законот за јавен интерес во културата да биде финализиран.

Мирко Попов истакна дека музиката во Македонија е една од најнефинансираните области во земјата и дека оваа држава има голем недостиг од музички пазар и дека во најголем дел оние што се занимаваат со музика се принудени да работат повеќе други активности за да можат да опстанат.

– Оваа повремена помош од институциите е секако добредојдена – вели тој, а во однос на распределбата на парите рече дека е скандалозна.