Културата е свест дека светот не почна од вчера

341
Емир Кустурица, модератор на настанот

„Белградски контрапункт“ ги собра интелектуалците од светот

Културата е свест дека светот не почна од вчера, ниту ќе трае само за време на нашето траење. Културата од разликите прави богатство на контрапунктови – а не метеж на судири. Секој разумен разговор прави чекор во насока на таквото освестување. Ние тој мал чекор го правиме тука, заклучија учесниците на конференцијата, меѓу кои беше и македонскиот писател Александар Прокопиев

Македонскиот писател Александар Прокопиев учествуваше на конференцијата „Белградски контрапункт“, која првпат се одржа онлајн поради пандемијата. Тоа беше можност да се истражат новите можности за подобрување на квалитетот на настаните преку новите медиуми. Оваа година темата беше „Уметноста и митот денес“, а разговорите ги водеа министерот за култура на Србија, Владан Вукосављевиќ, и познатиот режисер Емир Кустурица, двократен добитник на „златната палма“ во Кан, „златниот лав“ на Венецискиот филмски фестивал, награди „цезар“ и други значајни признанија.
Прокопиев на конференцијата беше најавен како прозен и драмски писател од Македонија, чии дела се преведени на англиски, француски, италијански, јапонски, руски, полски…, познат и како есеист и бивш член на еминентниот југословенски рок-бенд „Идоли“, доктор по компаративна книжевност и теорија на книжевноста.

– Тргнавме од ставот дека живееме во време на преиспитување на самите основи на културите и цивилизациите на кои им припаѓаме, поради што сѐ повеќе се враќаме на нивните извори, кои често се поврзуваат со митот. Притоа особено нѐ интересираат одговорите на прашањата: дали денес митот е само „лажна приказна“ спротивставена на научното и уметничко трагање по вистината или тој и натаму поседува спознајна вредност и создавачка функција во заедницата. Каков е односот на уметникот и уметноста спрема обновениот тренд на „трагање по потеклото“, каква е улогата на митот во политиките на идентитетот, на кој начин уметноста во нашето време влегува во дијалог со митот, може ли тој да биде инспирација за уметниците, постојат ли митови на нашето време и каков е односот на уметникот и уметноста кон нив? – велат организаторите.

„Белградски контрапункт“, во организација на Министерството за култура и информирање на Србија како иницијатор и Заводот за проучување на културниот развој како реализатор, е меѓународен собир чија цел е да ги собере уметниците и мислителите од различни делови на светот, кои со својата работа придонесуваат за разбирање на современите светски текови, односно ситуацијата во која се наоѓаме во денешно време. Тоа е можност за разговор за прашања што се однесуваат на заедничките и значајни искуства, а на кои од различни лични и геокултурни точки, може да се дадат различни одговори, а од друга страна може тие разлики да се усогласат во еден широко заснован поглед, како во музички контрапункт.

– Зошто баш „белградски“ контрапункт? Бидејќи Белград е место на контрапункт, бил и останал. Белград навикнал да биде сцена, не само на судири туку и на средби. Секој поцелосно се согледува себеси во средба со другите. Книжевното творештво и слободно мислење на тој темел ги градат длабочината и ширината на запознавање со светот и времето. „Белградски контрапункт“ е замислен да биде показен пример на уверувањето дека човекот е битие на разговорот и дека во разговорот секој може да ја потврди својата вистина, а да не ја отфрли вистината на другиот – велат организаторите.

Александар Прккопиев, наш претставник на собирот

На конференцијата покрај македонскиот писател, учествуваа: Верн Тисен (1964) – еден од најизведуваните канадски драмски писатели и професор по креативно пишување на универзитетот „Алберт“ во Едмонтон, Дмитриј Данилов (1969) – прозен и драмски писател, поет и есеист, едно од најзначајните имиња на современата руска книжевност, Хорхе Волпи (1968) – мексикански прозен писател, добитник на многу награди, познат како нов глас на латиноамериканската литература, Теа Обрехт (1985) – американска писателка, родена во Белград, чиј деби-роман „Тигровата жена“ беше бестселер во САД и во Велика Британија, Едуардо Мога (1962) – шпански поет, патописец, преведувач и книжевен критичар и Ханес Хофбауер (1955) – австриски историчар, публицист и издавач.

– Конференцијата „Белградски контрапункт“ го носи името на Белград, град што лежи на старата, симболична граница на световите, место на чести судири, но и културни вкрстувања во заложбата нашиот разговор да биде содржајна размена и проникнување. Потребата од средби ги уважува поединечните разлики и различни наследства што ги носиме како сопствена основа. Големиот српски писател, кој живеел во овој град, нобеловецот Иво Андриќ, укажал, во една важна пригода, на тоа дека во работата на која го посветил животот е содржана вистинската историја на човештвото. Културата знае дека вистината за човекот и за времето нема само една страна.

Културата не осудува, особено не пресметано и слепо, туку настојува да разбере. Денес, вителот на високотехнолошката епоха ги потиснува на маргините некогаш неоспорните културни заложби. Се заоструваат односите меѓу народите, а се изедначува културното изобилство на светот. Разорувањата се и физички и духовни, а носителите на моќта ги туркаат своите интереси како неоспорни вредности – рече во воведот Кустурица, кој го водеше разговорот.

Учесниците се согласија дека творештвото не трпи наметнати, октроирани вистини и ограничувања, без оглед од каде доаѓаат. Глобалниот невротичен и површен стил на живот, кој се наметнува како единствен можен и единствен прифатлив, ја претвора античката или просветителска визија за целосниот човек во еднодимензионално битие, а човечката заедница во биомаса, погодна за брза ментална обработка и преработка.

– Светската индустрија на забава и антикултура е вклучена во опишаната насока и настојува целосно да преовлада и да завладее. Надвор од другите поделби и разлики што се неизбежни, културата мора да придонесе за повеќедимензионалноста на светот. Треба да помогне во освестување на поединецот, кој се наоѓа под епохалниот притисок. Културата е израз на запрашаност и одговорност. Културата е свест дека светот не почна од вчера, ниту ќе трае само за време на нашето траење. Културата од разликите прави богатство на контрапунктови – а не метеж на судири. Секој разумен разговор прави чекор во насока на таквото освестување. Ние тој мал чекор го правиме тука – заклучија учесниците на конференцијата.

„Белградски контрапункт“ првпат е одржан во 2017 година, кога на прашањата поставени во рамките на темата „Што може книжевноста да направи во денешно време?“ одговараа Петер Хандке, Фредерик Бегбеде, Захар Прилепин, Ју Хуа и Милован Данојлиќ. Во 2018 година, кога беше посветен на темата „Што со глобализацијата во културата?“ – учествуваа Џанг Кангканг, Јуриј Пољаков, Гунар Кваран, Франсиско Лопез Сача, Дејвид Хомел и Владимир Пиштало, а лани централен настан на конференцијата беше тркалезната маса на темата „Уметноста во времиња на кризи и војни: поглед од денешницата“, на која учествуваа Хабиб Ахмадзаде, Џанг Џиџијанг, Герман Садулајев, Слободан Деспот и Мухарем Баздуљ. Разговорите ги водеа министерот за култура Владан Вукосављевиќ и режисерот Емир Кустурица.