Кој пукаше во Исус?

178

Дупката од сачма на десната страна од градите на Исус, направена од воздушна пушка, претставува екстремистички чин, вели Лорна Меј Водсворт за инцидентот со нејзиното дело, три и полметарската слика од последната вечера на Исус и апостолите

Три и полметарската слика чиј мотив е последната вечера на Исус и апостолите, која веќе цела деценија виси закачена зад олтарот на една селска црква, деновиве беше изложена во познатата галерија „Грејвс“, но со примеса на една вознемирувачка и депресивна мистерија „кој го застрелал Исус“. Сликата е дело на прославената портретистка Лорна Меј Водсворт, чија ретроспективна изложба неодамна се одржа во Шефилд. Откако сликата беше отпакувана, Водсворт забележа нешто што не го забележал никој. Се работеше за дупка на десната страна од градите на Исус, за која подоцна се утврди дека е направена од истрел од воздушна пушка.

– Навистина ме вознемирува помислата дека некој бил толку огорчен од мојот креативен приказ на Исус што посакал да го оштети делото – изјави Водсворт, сликарка позната по своите портрети, вклучувајќи го и оној на Маргарет Тачер, кој го краси седиштето на Конзервативната партија, како и оној на Дејвид Бланкет, закачен на еден од ѕидовите во куќата „Порткулис“, луксузна зграда во Вестминстер, во која се сместени 213 канцеларии за членовите на Парламентот и нивниот персонал.
Во црквата во Нејлсворт, дупката не била забележана буквално од никого, вклучувајќи ги и луѓето што ја пакувале и транспортирале сликата до Шефилд. За разлика од сите други, Водсворт веднаш ја воочила, но најпрвин помислила дека се работи за обично оштетување при транспорт. Една пријателка ја поврзала со експерт за балистика, кој констатирал дека се работи за дупка што потекнува од воздушна сачмарка.

– Ова мора да го направил некој радикален еретик. Цел викенд бев во состојба на шок, постојано на работ на солзи – изјави авторката за весникот „Гардијан“.

Манекенот Тафари Хиндс ѝ позираше на Водсворт за ликот на Исус. Целта беше да се најде нов начин за восприемање на уметноста и верата, односно да се бара од луѓето да погледнат со поинакви очи кон нештата за кои мислат дека ги знаат. Водсворт истакна дека немала намера да го копира Леонардо да Винчи, но дека намерно ја именувала својата слика како „Тајната вечера“. Сите апостоли се атрактивни млади манекени или актери што таа ги собрала во своето студио во источен Лондон, ветувајќи им добра храна и пијачки. Тоа се случило во една многу ладна ноемвриска ноќ во 2008 година. Јуда е насликан според ликот на убаво синооко и русокосо момче, на кое таа случајно налетала во една од кафеаните. Кој и да пукал во сликата, очигледно е дека точно знаел каде треба да заврши истрелот. Дупката се наоѓа на десната страна од телото на Исус, на местото каде што римскиот војник го пробол со копје, за да биде сигурен дека месијата е мртов.

Реално, постојат мали шанси да се откријат сторителот и причините за овој нехуман чин. Сликата беше дел од изложбата посветена на уметничкиот опус на Водсворт, која е родена и порасната во Шефилд. Покрај „Тајната вечера“, посетителите имаа можност да ги видат портретите на актерите Руперт Френд, Дејвид Тенант и Мајкл Шин, писателот Нил Гејман, модната стилистка Викторија Грант, како и последниот официјален портрет на поранешната премиерка на Обединетото Кралство, Маргарет Тачер. Познатиот уметнички трговец и радиоспикер Филип Мулд го опиша овој портрет на Тачер како веројатно најсмелиот официјален портрет на премиер што е насликан во Велика Британија.

Во рамките на овој проект, примарната скица од „Последната вечера“ на Водсворт беше однесена во капелата на Светиот дух во шефилдската катедрала, каде што е предвидено да остане една година. Планирано е да се санира штетата пред враќањето на сликата во Нејлсворт, местото на кое мора да се врати, како што вели Водсворт.
– Моето задоволство во однос на оваа слика произлегува оттаму што таа не е создадена за академска употреба, туку претставува религиозен предмет што живее во црква – вели уметницата. В.Б.Н.