Концерт на Филхармонијата со дела од Дебиси, Копланд и Коларовски

21
Пабло Бараган

Kонцерт под наслов „Ќе се разбудам ли пак“, на кој ќе бидат изведени дела од Дебиси, Копланд и од Коларовски, ќе одржи Филхармонијата утревечер, со почеток во 20 часот. Концертот го носи името на вокалниот циклус на Гоце Коларовски (1959-2006), чија „Симфонија“ ќе биде дел од програмата, а со нејзината изведба Филхармонијата ќе одбележи 60 години од раѓањето на овој значен македонски композитор.

– Музичкиот опус на Коларовски е автентичен и препознатлив и во него доминира суптилен израз, кој вешто ротира околу современата естетика изградена на интересни созвучја. Симфонијата за оркестар, солист и ансамбл баритони е негова дипломска работа и во неа може да се почувствуваат никулци на она што подоцна во своето творештво ќе го развие како автентичен музички израз и јазик – укажуваат од Филхармонијата.

Како солист во изведбата на ова дело ќе настапи басот Владимир Саздовски, како и ансамблот баритони при хорот „ПроАрс“. Под диригентката палка на маестро Сашо Татарчевски на овој концерт ќе прозвучи и Концертот за кларинет и оркестар од Арон Копланд, во изведба на исклучителниот шпански кларинетист Пабло Бараган, кој ќе настапи и како солист во изведбата на „Прва рапсодија за кларинет и оркестар“ од францускиот композитор Клод Дебиси. Иако „Првата рапсодија“ тој ја напишал за соло-кларинет како нарачка на Парискиот конзерваториум, веќе една година подоцна го оркестрирал делото и тоа почнало да се изведува со оркестар. Делото се смета за своевиден тест за кларинетот, ги истражува неговите можности и перформанси преку специфичен јазик и музичка естетика.