Конак од копнежи Кон „Манастир од мисли“ на Кире Неделковски, Битолски книжевен круг, 2020 г.

55

Рецензија

Поетот Кире Неделкоски со години ми прави чест испраќајќи ми ги, со питоми посвети, своите нови поетски книги. Тоа значи дека ми помага на најсрдечен, пријателски, колегијален начин да бидам во тек со неговата книжевна работа, со творечкото збогатување на неговото поетско писмо. Кире Неделковски е непосреден, пријатен, комуникативен соговорник, својства што читателот може да ги насети во неговите лирски исповеди, кои, од книга во книга, стануваат сè посложени, послоевити, посугестивни. Неговиот опус опфаќа над дваесет поетски објави, податок што недвосмислено укажува на исклучителна посветеност на поетската магија, за обреченост на книжевната уметност. Неделковски му припаѓа на Битолскиот книжевен круг, во кој активно дејствуваат десетина извонредни македонски книжевни творци.
Во својот поговор кон збирката на Неделковски, Славица Гаџова Свидерска инвентивно и со несомнена компетенција на зналец, толкувач на уметноста на литературата, прецизно ја ситуира поезијата во оваа збирка на нашиот поет како „една од ретките во македонската поезија, која се издвојува со својата сакрална, метафизичка и христијанска димензија“.

Благородната природа на Неделковски не можела да остави поинаков впечаток и врз неговото поетско творештво, особено врз неговата најнова стихозбирка, во која секоја песна и секој стих се доживуваат како непосредна еманација на благост, сочувство, емпатија спрема другите, спрема светот што отсекогаш имал потреба од емотивна прикрепа, зашто од искони е изложен на искушенија во борба со свирепостите и со историските драми, што исто така извираат од една негова сенлива, темникава страна. Кога Гаџова Свидерска констатира дека Неделковски е еден од ретките наши поети што се издвојуваат со својата „сакрална, метафизичка и христијанска димензија“, како читател веднаш помислувам на еден од тие ретки, најретки наши автори, кој исто така извиши велик лирски храм со песната „Марковиот манастир“.

Овде треба да се потсетиме и на книгата „Храм, сепак храм“ од нашиот исклучителен лиричар Ристо Василевски, а се разбира и на суптилни песни со ваква природа на Анте Поповски, Ефтим Клетников, Бранко Цветкоски и Јовица Тасевски Етернијан. Кон нив во таа смисла се приклучува сега и Кире Неделковски, особено со антологиската песна „Манастир од мисли“, која се доживува како програма, како идеја и како најава за изведба на редок проект во чии димензии би се создало вистинско сокровиште на човечките доблести, целосно просеани од контаминираноста со лошотилак и зло.

Санде Стојчевски