Композиторите ќе го тужат Министерството за култура

677

Наградените автори на Конкурсот за откуп на нови музички дела конечно добија решение за поништување на конкурсот од страна на министерот за култура Роберт Алаѓозовски, по два претходни налози од Државниот управен инспекторат.
По добивањето на решението за поништување на објавените награди, авторите ќе поднесат тужба до Управниот суд и ќе поведат граѓански тужба со барање надомест за штета, поради компромитирање и нарушување на анонимноста на нивните дела и нивниот повеќемесечен труд.

Иако министерот најави повторување на конкурсот, Министерството сѐ уште нема објавено никакви информации во врска со неговото повторно објавување. Прашање е дали министерот навистина има намера да го повтори конкурсот или, пак, не му се допаднале определени имиња, како што претходно тврдеа наградените автори.
Оштетените автори посочуваат дека причините за поништување на конкурсот наведени во решението, во согласност со Законот за култура, се резултат на немарноста на самиот министер и неговите служби, но уште позагрижувачки е фактот дека истите пропусти, спротивно на законот, се направени при реализацијата на Годишната програма, што може да биде основа за нејзино поништување доколку некој поведе тужба пред надлежниот суд.