Козак

238

Не би можел да кажам дека веднаш ми заличи на татко му, но имаше нешто, особено во неговите искосени, светли и огнени очи, во што потсетуваше на Григориј Мелехов и младите козаци од „Тихиот Дон“. Но за разлика од јунакот на Шолохов, движењата не му беа брзи и остри, туку елегантни и забавени – овој правнук на козакот љубовта кон коњите ја заменил со разгаленост кон уметностите.
Едно од прашањата на испитот беше за филмовите на Орсон Велс. Направи солидни анализи на „Граѓанинот Кејн“, „Допирот на злото“ и „Прекрасните Амберсоновци“.
– Што мислиш, зошто имал проблеми со холивудските продуценти? – го потпрашав (предметот е Масовна и елитна култура).
– Што се однесува до мене, мислам… – тука направи кратка пауза, потпирајќи ја десната дланка на образот -… дека бил премногу импулсивен.
– Импулсивноста не е лоша, особено кај уметникот. Не треба да прави отстапки.
– Импулсивноста, професоре, не е на цена. Но затоа денес коректноста е важна – ме загледа со своите светли очи (можеби и со благ потсмев?).
И тогаш се сетив на кого ми личи.
– Татко ти… се вика Јуриј?
Се изненади: – Од каде знаете?! Да, Јуриј. Навистина професоре, од каде…?
– Си личите. А и по презимето во индексот. Ми требаше време, ама…
Со татко му се знаев од времето кога свирев рокенрол. Беше вешт и енергичен соло-гитарист, со долги импровизации што ги нижеше со затворени очи. И читаше книги. Во оригинал, на руски. Особено Гогољ и Чехов.
– Татко ми. Многу ми влијаеше. Ме зарази со литературата – тишина, а потоа со стивнат, понизок глас: – Почина пред две години… Непромислен… Импулсивен, професоре.