„Каприча“ на Томислав Османли објавена на српски јазик

54

Издавачката куќа „Прометеј“ од Нови Сад ја објави книгата „Каприча“ на нашиот писател Томислав Османли, чие македонското издание се појави во издание на „Магор“ во 2009 година. Преводот од македонски е на Зоран Ж. Пауновиќ, веќе редовен соработник на српските изданија од книжевни творби на Османли. За српското издание, кое содржи дваесетина кратки и подолги прози, авторот го модификува нејзиниот оригинален наслов, и таа таму се појавува како „Збир-ка-прича“.

Оваа книга го носи поднасловот „Елегии и гротески – апсурди во проза“ и претставува иронично, елегично, но и хумористично, саркастично авторско доживување на стварноста што Османли го именува „каприча“.

Османли ѝ е добро познат на српската книжевна јавност. Покрај многубројните книжевни објави во тамошната печатена и електронска периодика и по појавата на романите „Дваесет и првиот“ („Дерета“, Белград, 2014) и „Зад аголот“ („Албатрос плус“, Белград, 2017), ова е трета книга што нашиот автор ја објавува во соседната книжевна средина. Сега и „Каприча“ на Томислав Османли се појавува кај „Прометеј“ од Нови Сад.