Камерниот оркестар на Музичката младина традиционално на „Охридско лето “

50

Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија во рамките на „Охридско лето“ го одржа традиционалниот концерт, кој беше пренесуван и во живо преку Интернет и на фејсбук-страниците на фестивалот. Изведбата на младите уметници предизвика восхит кај присутните во црквата „Света Софија“, а концертниот репертоар беше составен од познати композитори како Едвард Григ со Холберг-свитата, преку Летото од Годишните времиња на Астор Пјацола и на Антонио Вивалди, а беа изведени и композиции од Бела Барток, како и Елена Блази и Антон Аренски.

– Секоја година се трудевме да има разновидна програма, па, така, низ годините имавме и една барокна опера што се изведе во црквата „Света Софија“ и која ни претходно, ни потоа, немаше таква изведба. Годинава уметничкиот раководител Олег Кондратенко се одлучи заедно со нас за една интересна програма во која се застапени релативно познати композитори – вели претседателот на Музичката младина на Македонија, Александар Герасимовски.

Музичката младина на Македонија веќе 32 години е дел од фестивалската програма на „Охридско лето“ и секоја година носи млади, но исклучително талентирани млади уметници.

– Повеќе млади луѓе од Македонија, а понекогаш и од странство, односно околу 350 млади музичари и солисти сите овие 32 години продефилираа на фестивалот. Од нив некои се членови или концерт-мајстори на светски оркестри и изведувачи, програми што одбележуваа една младост, еден полет, елан за заедничко музицирање и дружење. Продуктите веќе се ставени на неколку носачи на звук – додава Герасимовски.

Годинава, Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија го одржа концертот во чест на покојниот Саша Николовски-Ѓумар, диригент и уметнички раководител што работеше со оркестарот повеќе од 20 години и остави неизбришлива трага и во програмата, и во едукацијата на младите музичари.