Кавалерот

206

Антиупатства за лична употреба

Испаѓаше дека црнокосата, црноока нана Невена, тркалезна, жива и зборлеста како подвижна бомбичка ја негуваше приказната за своите чудесни предци со еднаква трепетна грижливост со која го гушкаше букетот богати црвени рози од ретката, ценета сорта Grimsin Glory на големата, ретуширана фотографија над нејзината постела, што покрај гордиот, десен полупрофил на младиот дедо во кадравите години на големите идеали и Организацијата, заземаше почесно место меѓу сите врамени докази на генетската разнообразност на нашето семејство што го преполнуваа ѕидот така што тој ce чинеше речиси непостоен, освен во тесните бели делчиња што ѕиркаа меѓу фотографиите. Црвениот букет беше, исто така, исклучива раскажувачка своина на нана Невена, иако ја кажуваше необично тивко. Фотографијата на ѕидот беше една од неколкуте рекламни снимени за „Каваљер моде“, што наспроти конкурентите „Унион метеор“ беше „отмена, првокласна фирма“. Јас Кавалерот го замислував вит, вешт, со пламен во очите и со тенки мустачиња a ла Ерол Флин, кој, пред да научам да ги читам буквите, беше мојот убедливо најимитиран херој во игрите со дрвени мечеви по сокачињата на Пајко Маало. Меѓу два жестоки дуели, Кавалерот ќе погушкаше некоја возбудена дама, пет минути до полноќ на највисоката кула на непријателскиот дворец, или утрински, на брегот на реката, потпирајќи го нејзиното растреперено тело врз дебелото рапаво стебло на нежната жална врба додека околу ce довикуваат жужалците. Стела, Лујза и Лејла – сосем лесно називите на модистичките дуќани, кои ја дополнуваа елеганцијата на Каваљер моде со егзотичниот детаљ – шапката, ce вплеткуваа во имињата на бакнежожелните епизодистки, ce подразбира украсени со накосени шапки за чија екстравагантност ce подразбира, исто така, страдаа патките, шатките и пауните. Тоа што никој од правливите, даровити мали дублери не сакаше да ги игра женските улоги, ни малку не ѝ пречеше на заматената страст со која кавалерот ја прегрнуваше Стела или Лујза или Лела фино обликувани како парче воздух со влажни усни или во подобар случај како дебеличка перница, скришно извлечена од некоја куќа.

Благодарение на манекенскиот изглед на нана Невена, уште неколку замаскирани личности ce уфрлија во Metro Goldwin Ibni Pajko Production. За разлика од претходните, овие имиња носеа романтичен, но темен превез: Баронес Роштилд, Кардинал Ришелје, Жан Монфор. Беа тоа сортите рози што нана Невена ги менуваше на секоја од фотографиите, заедно со новиот модел и новата шапка.

Противниците на Кавалерот изгледаа достојно. Кардиналот – главниот заговорник од своите мрачни одаи ги смислуваше сите подмолни планови: Баронесата – „онаквата женска“ со магична фаталност, па дури и Кавалерот беше принуден да ce занесе за неколку мига (но за разлика од месечинската соната на кулата или жуборот на реката и штурците, декорот беше изменет во кадифена спална што нас, шест и седумгодишните глумци, нејасно, но осетно нѐ загреваше меѓу препоните); Жан Монфор вештак и вештер со мечот чии неизвесни судири со Кавалерот ce селеа од двор во двор, од сокаче во сокаче. Изгледот на овие три демонски лика како да ce зародија во розите: според стручната оцена на нана, Кардиналот Ришелје е крупна, темноцрвена роза, Баронесата Роштилд мирисна и витка, Жан Монфор извиена – со големи црвени трња. Учителската логика на нана Невена не можеше да ги побрка лончињата. Со осумдесет и осум години и опседната од витаминската вредност на зеленчукот и овошјето, врвен мајстор за здрава исхрана, таа без грешка ги познаваше сите состојки на доматот, бамјата, јаболкото „петровка“, црното грозје „хамбург“, белото грозје „афусали“, сливата, спанаќот, морковот (ситно сечкан, помешан со јаболков оцет), чајот од кантарион, чајот од нане, чајот од вртипоп… Секојдневно, во пракса, нана го пропагираше начелото за зачувување на витамините при нивната натамошна преработка во сочна и не секогаш вкусна манџа. Зеленчукот, беспоговорно, ce вари според следните две правила: а) во никој случај не смее да ce изложува долго на топлина, па затоа ce користи широкото црвено тенџере во кое најбргу ce вари (отпосле јадењето може и да ce стоплува, но исклучиво на тивок оган) и б) никогаш повеќе од неколку капки зејтин, зашто маслото ги уништува витамините. Најдобро е и месото да cе динстува, а дури потоа да ce посоли за да не ce изгубат белковините, толку чувствителни на висока температура.

Cè во корист на правилната функција на желудникот и цревата! Cè против малокрвноста!