Имаме жени филозофи, ама за нив немаме именка од женски род

501

Катедрата за филозофија постои веќе седум децении, а уште кога таа ги почнала студиите во 1970 г. во Скопје, најголемиот број од запишаните биле студентки. Ситуацијата е слична и денес, а сепак, тој факт не се одразил во јазикот: сѐ уште во македонскиот нема именка за жена што се занимава со филозофија

Македонската писателка и докторка по филозофија Кица Колбе, која долго време живее во Германија, неодамна ја отвори темата за недостигот од именки од женски род за одредени професии во македонскиот јазик, меѓу кои е и професијата филозоф. Катедрата за филозофија постои веќе седум децении, а уште кога таа ги почнала студиите во 1970, во Скопје, најголемиот број од запишаните биле студентки. Претпоставува дека ситуацијата е иста и денес, а сепак, тој факт не се одразил во јазикот: сѐ уште во македонскиот нема именка за жена што се занимава со филозофија. И тогаш професорите себеси се нарекувале филозоф, а своите колешки жена филозоф. Колбе прашува зошто уште нема име за жените чија професија е филозофијата.

– Лично одамна го употребувам зборот филозофина како замена за жена филозоф. Тоа име го обликував според германскиот јазик, во кој жената чија професија е филозофијата се именува „philosophin“. Филозофина звучи благо, мелодично, со ритам што потсетува на спокој и медитација. А филозофијата е мисловна дејност, љубов кон мудроста, толкување, размислување… Во хрватскиот и во српскиот се употребува именката „филозофкиња“. Кога како студентка побарав од професорите да најдеме соодветна именка од женски род за жена што се занимава со филозофија, некој рече дека таа именка би била смешна: филозофка! Затоа било подостоинствено да се каже жена филозоф! И така остана до денес. Сличен е проблемот и со жената што пишува романи. Постои само именката од машки род – романописец. А која е именката од женски род: романописка, романописарка, романописателка? – вели Колбе и додава дека во македонскиот јазик веќе има именка за женска уметничка дејност, обликувана со -ина: балерина и тоа воопшто не звучи чудно за македонското уво.

Таа смета дека новите зборови треба да почнат да се употребуваат, а дури потоа ќе стане јасно дали се најпогодните за содржината што ја именуваат. На нејзиниот фејсбук-статус се разви жестока дискусија околу темата, а свои решенија за овој проблем понудија многу наши професорки и авторки.
Повеќето од учесничките во дискусијата се согласуваат дека нема зборови што се смешни, туку станува збор само за навика, за нивно прифаќање во јазикот. Наведен е примерот кога пред дваесетина години на сите им беше смешно наместо жена министер да се рече министерка, поради тоа што самиот збор министерка имаше пејоративно значење и подразбираше сопруга на министер. Веројатно, за тоа беше заслужна познатата драма на Бранислав Нушиќ.

Имено, во македонскиот јазик има називи за повеќето уметнички дисциплини: сликарка, скулпторка, вајарка, пејачка, пијанистка, виолинистка, поетеса, но нема единствен усвоен термин за општите именки, на пример: уметничка/уметница.
Некои од учесничките во дискусијата сметаат дека има многу проблеми и со женските форми на именките во јавната администрација и служба. Тие укажуваат дека отпорот кон користење на женските форми на звањата е огромен (и кај мажите и кај жените еднакво) и дека постојат голем број звања за кои навистина е тешко да се избере/формира женската форма (хирург, тренер, возач, психолог, кардиолог итн.). Колбе смета дека овој проблем е прашање на родова еднаквост.
– Одбивноста кон женските форми на именките (и кај мажите и кај жените) што ја опишувате, говори за тоа дека уште не постои самосвест за тоа колку нашите „претстави“ за зборовите што ги употребуваме се стереотипи, закостенети мислења, предрасуди. Кога јас бев ученичка и гимназијалка, тие што говореа за жени филозофи, жени возачи, жени архитекти, сметаа дека со тоа изразуваат особена привилегија, особен успех за жените. Дека и жените се способни да се мерат со мажите – како жена филозоф да е парадокс само по себе! Овие „семи-поими“, кои се амбивалентни и недоволно дефинирани, ги означуваа првите чекори на жените во еден примарно од мажи доминиран свет. Тие долго ќе останат нешто „природно“, доколку некој не ги проблематизира – вели Колбе.

Мања Величковска вели дека откако гo прочитала кај Колбе, го користи зборот,,филозофина“ со големо задоволство и во секоја пригода, исто како да постоел отсекогаш, и тоа токму на Филозофскиот факултет на Катедрата по филозофија.
– Досега добро е прифатен. Не сум се сретнала со ситуации во кои се спорело околу тоа дали е терминот соодветен или не. Драматургина, психологина и, антропологин/ња, исто ги среќавам сѐ почесто. Другата варијанта, што ја имам слушнато, е да завршуваат со -шка наместо -ина, но тука се губи многу во елегантноста на зборот мислам, а кај некои женската форма се претвора во придавка. Како и да е, редно е да си ги користиме активно и без двоумење – вели Величковска.
Ана Мартиноска од Институтот за литература често се осврнува на овие прашања во својата истражувачка работа.

– Сѐ уште најчесто се употребуваат во машки род, независно од тоа што се употребуваат за жени (по таа логика јас сум професор), што е исто така облик на шовинизам. Има и случаи кога родовите се мешаат, па во една иста реченица станувам професорка и писател. На спротивната страна ги имаме жените, во кои се вбројувам и себеси, кои инсистираат на користење на женската форма на професиите, но дури и тука има замки. Како се викаат жената психолог или жената што се занимава со бизнис, на пример? Психолошка и бизнисменка? – прашува таа.
Според Мартиноска, сѐ е прашање на навика и одвика, па и јазикот.
– Ако при општествените промени во 1990-тите можевме од другарки да станеме госпоѓи, денес би требало без проблем да можеме да станеме докторки, менаџерки, адвокатки, банкарки, фудбалерки, инженерки… За жал, сѐ уште има такви што сметаат дека човек е синоним за маж (а не и за жена) и дека со инсистирање за родово неутрален јазик не се намалуваат родовите нееднаквости, туку напротив, уште повеќе се истакнуваат. Како да забораваат дека секој вид дискриминација во општеството е недозволива, па и онаа во областа на јазикот – децидна е Мартиноска.


Табу за „бесмртниците“ во Франција

Француската академија, која е задолжена за речникот на францускиот јазик, разгледува извештај во кој се предлага женски род за професиите, што долго време беше вистинска табу-тема во институцијата, која во 17 век ја основа кардиналот Ришеље. Извештајот од околу 20 страници им е претставен на „бесмртниците“ како што ги нарекуваат членовите на академијата. Извештајот го состави комисија, која ја сочинуваат претседавачот Габриел де Блогли (87), писателката Даниела Салнав, поетот со британско потекло Мајкл Евдардс и писателката Доминик Бона. Бона, кој беше биограф на писателот Ромен Гари, одамна предлага дебата за женски род на професиите. Многумина наведоа дека машкиот род за занимањата не е неутрален, затоа што е род, кој е подоминантен во јазикот.
Доколку академијата го усвои извештајот, тоа би било оценето како „револуција“, затоа што оваа институција жестоко се бори против феминизација на професиите, кои се веќе воведени во франкофонските земји – во Белгија, Швајцарија и во Канада. Академијата во 2014 година соопшти дека се дозволува женски род за некои професии, ако менувањето на родот е во духот на јазикот и во согласност со општите правила на граматиката. Меѓутоа, категорично не се согласува женскиот род да биде ставен надвор од општите јазични правила, затоа што тоа го смета за „јазичен варваризам“.
Во францускиот речник, на пример, постои збор „амбасадорка“, но не значи жена дипломат, туку сопруга на амбасадорот. Академијата генерално не е против женски род на именките, но се залага за строга и правилна употреба на францускиот јазик.