Изложба на уметницата и галеристка Ана Христовска

644

Вечерва, во 20 часот, во галеријата на Младинскиот културен центар ќе се отвори изложбата на македонската уметница и галеристка, Ана Христовска, насловена „Сакај и биди сакан“ на која ќе бидат изложени 18 слики, масло на платно, кои се избор од нејзината работа последниве две години, а на специфичен начин го дефинираат поимот „убаво“.

– Ана Христовска е уметница, која зрачи со убавина во душата, енергијата… Таа остава сликарска трага на убав момент од нејзиното постоење. Ако се обидеме да го дефинираме поимот „убаво“, кој го фаворизира Ана, добиваме комплексност од доживеани сетила, движења, боја, линија и форми. Нејзината сликарска приказна е разбирлива за оној кому му е наменета, исто како езотеричните приказни пратени од дамнешните времиња, до љубовните љубопитни, кои тежнеат да ја осознаат езотеричната убавина – пишува Горјан Ѓорѓиев за изложбата.