Изложбата „Тутанкамон“ го сруши рекордот на француските посетители

41

Поставката што патува за Лондон привлече 1,3 милион посетители, рушејќи го 50-годишниот рекорд што го постави претходната истоимена изложба

Огромната патувачка изложба на богатства поврзани со младиот египетски крал Тутанкамон привлече повеќе од 1,3 милион посетители во Париз, станувајќи најпосетувана изложба во француската историја.

Изложбата, која беше поставена во широкиот простор во „Ла вилет“, пред да пристигне во ноември во галеријата „Сачи“ во Лондон, го надмина претходниот рекорд на Франција од 1,2 милион посетители во 1967 година, на многу помала изложба посветена на Тутанкамон, која беше организирана во „Малата Палата“. Големата бројка на посетители може делумно да се објасни со фактот што изложбата траеше повеќе од 5 месеци и со фактот што имаше специјални, продолжени влезници дури и во доцните вечерни часови за да се задоволи побарувачката. Повеќе од 130.000 билети биле продадени пред да се отворат вратите во март. Француските културни коментатори сметаат дека рекордниот одзив сведочи за постојаната фасцинација од гробот на египетскиот фараон, како и од идејата за живот по смртта.

Поставката содржи најголем број Тутанкамонови богатства што досега го напуштиле Египет и за последен пат ќе можат да се видат на турнеја пред да бидат трајно изложени во новиот голем, египетски музеј „Гранд“ во близината на пирамидите на Гиза.

Една од поважните атракции на изложбата е статуата на чувар што ја чувала гробницата. Во 150-те предмети што се прикажани се вклучени и минијатурен ковчег декориран со злато во кој е сместен црниот дроб на кралот, откако бил отстранет за време на процесот на мумификација, позлатен дрвен кревет со врежани лавовски ногарки, најверојатно направен специјално за погребот на Тутанкамон, и позлатен дрвен храм, кој покажува интимни сцени на кралска домашна хармонија.

– Фактот дека египетскиот музеј „Гранд“, кој се гради во Гиза, ќе биде домаќин на овие артефакти на крајот на турнејата е многу важен. Постои чувство дека ова е последен пат кога луѓето ќе можат да ги видат овие објекти на турнеја. Се надевавме дека ќе нѐ посетат 1 милион луѓе. Да се постигне тоа и да се добие овој одзив е неверојатно – рече Тиери Винсенти, шефот на „ИМГ Франција“ што ја организира изложбата во Париз, во изјава за француското радио.

Тековната изложба „Тутанкамон“ и претходната од 1967 година се најпосетуваните изложби во Париз досега. Блокбастерската поставка посветена на импресионистичкиот сликар Клод Моне во „Големата палата“ во 2010 година привлече околу 911.000 посетители.

Турнејата на „Тутанкамон“, која започна во Лос Анџелес, ја одбележува претстојната стогодишнина од откривањето на гробот на младиот фараон, што се смета за едно од најважните археолошки откритија на сите времиња.
Британскиот археолог Хауард Картер го откри гробот на монархот на 18-та династија во Долината на Кралевите во Луксор во 1922 година. Гробницата беше недопрена и опфати околу 5.000 артефакти.