Изложбата „Спам“ на Илина Арсова во Прилеп

1010

„Спам“ е тематската изложба од Илина Арсова, што ќе биде отворена денеска во 13.30 часот во ликовниот салон на ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп. Уметницата пред прилепчани ќе се претстави со слики и инсталации изработени од колажен и ликовно трансформиран домашен отпад, текстил, хартија и веќе употребени и дотраени материјали, предмети.

– „Спам“ доаѓа од отпадното сандаче за непотребни информации и пошта. Во овој случај му даваме нов ликовен лик на отпадот, кој инаку ги затрупува нашиот ум и домашен простор. Со тие ситници најчесто сме емотивно поврзани и тие претставуваат интимен дел од нашето секојдневие. Овие новосоздадени дела се во контекст на досегашните ликовни истражувања на темата рециклирање и подигнување на еколошката свест преку намалување и правилно менаџирање на сопствениот отпад – вели уметницата.

Илина Арсова дипломирала на ФЛУ и е членка на ДЛУМ. Реализирала многубројни самостојни групни изложби во земјата и во странство, а е поборничка за заштита на животната средина, вљубеничка во природата, височините и адреналинот како значајна врска со ликовното творештво.