Изложбата „Африка во Македонија“ привлекува големо внимание

388
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Бидејќи во Скопје немаме музеј каде што може да се видат предмети од други култури и цивилизации од светот, ваквите редовни изложби, кои претставуваат некој дел од светот, се уникатна можност за нашите сограѓани да се запознаат со нив, да научат нешто ново, да се инспирираат да ги посетат или да ги изучуваат повеќe, изјави Роберт Смилески, долгогодишен вљубеник во Црниот Континент, кој за изложбата „Африка во Македонија“ отстапи предмети од својата лична колекција

Изложбата „Африка во Македонија“, која беше отворена лани на крајот на ноември, деновиве го продолжи своето времетраење во Музејот на Македонија до средината на март годинава. Со сеопфатната и добро конципирана содржина, која прикажува разновидни и многубројни врски меѓу Африка и Македонија од предисторијата до 21 век, доловени преку експонати од неколку музеи во земјава и преку лични предмети на поединци, таа, очекувано, им го привлекува вниманието на посетителите. Автори на изложбата и на нејзиниот дизајн се археолозите Гоце Наумов и Никос Чаусидис. Предметите од своите збирки за оваа несекојдневна презентација ги отстапија: Археолошкиот музеј на Македонија, заводите за заштита на спомениците на културата и музеите од Охрид и Битола, Музејот на градот Скопје и националната установа „Стоби“, а дел од отстапените фотографии и ракотворби од Африка се во сопственост и на Роберт Смилески, Јасмина Никуљска, Петар Јовановски, Кристина Бицева, Билјана Јурукоски, Филип Кондоски и на „Скопскиот џез-фестивал“.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во стаклени витрини, но и надвор од нив можат да се видат фасцинантни археолошки, етнолошки и уметнички експонати, како и архивски материјали, кои првпат на едно место го потврдуваат постоењето на културните врски меѓу Африка и Македонија, нивната разновидна поврзаност, која сѐ уште трае. На мапа поставена на почетокот на изложбата посетителите може да го видат распростирањето на хомо сапиенсот и присуството на хоминините, правецот на нивното движење од Африка кон другите континенти, меѓу кои е и Европа. Следуваат презентациите на помалку или повеќе познатите предмети присутни на почвата на земјава, кои говорат за африканското присуство, како што се претставите на дел од египетските божества, на животни од тој континент, како што е и примерот со незаборавниот поден мозаик во нартексот на Големата базилика на Хераклеја. Тука можат да се видат и фигури на светци со темна боја на кожата од средновековни цркви во Македонија, фотографии со карвани од камили како пренесуваат стока во време на постоењето на Османлиската Империја, со африкански војници од Првата светска војна снимени во Битола, фотографии со Леополд Седар Сенгор, еден од двајцата африкански добитници на престижниот „Златен венец“ на „Струшките вечери на поезијата“, а меѓу другото и со африкански музичари на концерти на „Скопскиот џез-фестивал“.

– Очигледно, идејата за присуството на африкански обележја во македонското културно наследство им го привлече вниманието на многумина. Оваа навидум неверојатна идеја за врските меѓу Африка и Македонија предизвикува интерес, па затоа граѓаните, но и туристите, сакаат да видат за што станува збор и да се (раз)уверат во веродостојноста на една ваква тема. Иако планиравме изложбата да трае до крајот на декември, сепак постојаното присуство на посетители и желбата на многумина да ја видат по празниците, ни даде до знаење дека треба да го продолжиме нејзиното траење, што наиде на одобрување и поддршка од страна на музеите и индивидуите, кои ни ги позајмија предметите. Во следниот период ќе имаме неколку настани (предавања и групни посети), кои ќе им овозможат на заинтересираните подетално да се запознаат со она што е претставено на изложбата. Подготвивме и обемен каталог во кој многу од темите се опсежно изложени, меѓутоа доживувањето е поинакво кога тие се претставени преку презентации и тоа директно пред самите предисториски или антички предмети, средновековни илустрации, или пред артефактите што потекнуваат од Африка – посочи Гоце Наумов. Тој и Никос Чаусидис во воведниот текст на каталогот, меѓу другото, напоменуваат дека Африка и Африканците ни се многу блиски, како во поглед на гените, така и на културата, при што овие блискости можат да се следат наназад во континуитет од денес па до далечните предисториски епохи. За таквата блискост говорат и 17-те поглавја во каталогот од различни стручни автори, чии наслови влијаат и поттикнувачки за да се погледне изложбата и да се дознае што е досега истражувано: „Африкански гени и миграции во Македонија“ – Гоце Наумов; „Симболичното значење на негроидните ликови од археолошките наоди во Македонија“ – Никос Чаусидис; „Африкански влијанија на хеленската цивилизација и посредно на македонската култура и обратно“ – Елеонора Петрова Митевскa; „Африка во Лихнид во текот на македонско – хеленистичкиот период“ – Бојан Танески; „Африкански мозаичари во Македонија?

Мозаиците од големата базилика во Хераклеја Линкестис“ – Мишко Тутковски; „Светилки од Скупи со претстави на египетски божества и персонификација на Африка“ – Ленче Јованова; „Африканска грнчарија од римскиот и доцноантичкиот период во Македонија“ – Марина Ончевска Тодоровска и Јован Радњански; „Египетски божества“ – Анита Василкова Мидоска; „Африкански претстави во средновековниот црковен живопис во Македонија“ – Магдалена Аврамовска и Татјана Трајковиќ; „Камилите во Македонија“ – Јана Гочевска; „Африканските колонијални сили на македонскиот фронт во Првата светска војна“ – Владимир Кухар и Александар Стојчев; „Негри или Арапи во македонскиот живот и традиција“ – Мери Стојанова; „Египќаните во Македонија“ – Рубин Земон; „Африка во македонската култура, спорт и дипломатија“ – Здравко Стојкоски; „Присуството на Африка во македонската музичка традиција“ – Тони Китановски; „Скопскиот џез фестивал и африканските култури во Македонија“ и „Македонски колекционери на етнолошки предмети од Африка“ – Гоце Наумов.

– Бидејќи во Скопје немаме музеј каде што може да се видат предмети од други култури и цивилизации од светот, ваквите редовни изложби, кои претставуваат некој дел од светот, се уникатна можност за нашите сограѓани да се запознаат со нив, да научат нешто ново, да се инспирираат да ги посетат или да ги изучуваат повеќе. Има изненадувачки многу Македонци што престојувале во разни делови од светот и нивните збирки на предмети, уметност и искуства треба да се искористат за да се споделат со поширок круг луѓе – изјави Роберт Смилески, долгогодишен вљубеник во Африка, која ја смета за егзотично соседство, но и прататковина на сите луѓе. На изложбата „Африка во Македонија“ учествува со предмети од Етиопија, земја од Источна Африка, за која вели дека недоволно се знае во Македонија, а тој ја смета за навистина интересна и по многу нешта уникатна.

– Половина од изложените предмети се од северниот дел на Етиопија, со мотиви типични за етиопското православно христијанство, кое многу рано, во 4 век, било донесено во нивното кралство. Тој стил на сликање го карактеризираат ликови со големи бадемови очи во силни бои, како од стрипови, стил што може да се сретне насекаде низ Етиопија. На изложбата со ваква тема се изложени: една дрвена кутија, дрвена чинија како и „манкала“, стара игра популарна во тој дел на Африка, присутна насекаде низ Етиопија. Другата половина предмети се од јужниот дел на земјата, од област околу долината на реката Омо, каде што сѐ уште живеат повеќе пасторални племиња и тоа на начин како замрзнати во времето. Во тој дел на земјата речиси нема инфраструктура, патишта, струја, вода – луѓето шетаат речиси голи или со племенски креации со оригиналност и естетика на кои можат да им завидат и врвните модни дизајнери од „цивилизираниот свет“. На изложбата од таму може да се видат глинени тркалезни декорирани плочи, кои ги носат жените од племето Мурси во исечената празнина на нивните усни како симбол на убавина, како и еден предмет што често го користат повеќето мажи, комбинација на перница и столче направено од дрво и ишарано со различни племенски украси – вели меѓу другото Смилевски. Меѓу предметите донесени од Африка се и скулптурата од Мали, маската од Буркина Фасо, сопственост на дипломатот Петар Јовановски, кој работно престојувал во Брегот на Слоновата Коска, а често патувал низ Западна Африка. Изложени се маски и други предмети во сопственост на Јасмина Никуљска, професорка по шпански јазик, која живеела во Нигерија, на историчарката на уметноста Кристина Бицева, која престојувала во супсахарска Африка, а поседува предмети и од градот Моши во Танзанија. Фасцинираат африканските портрети на фотографите Билјана Јуруковски, која фотографирала различни заедници во Африка, меѓу кои е и народот Сури, но и на Филип Кондовски, кој создаде циклус фотографии со локалното население од Нигер.

Сликарот Мирослав Масин не бил во Африка, но за оваа пригода од својата колекција предмети отстапи и една скулптура од Камерун, како и слика од својот познат циклус со шимпанзата. Запрашан, дoколку во иднина би се проширувала содржината на изложбата, што сѐ друго таа би можела таа да опфати за склопување на сликата за постојните врски меѓу Македонија и Африка од предисторијата до денес, Никос Чаусидис напомена дека веднаш по нејзиното одржување им се обраќале колеги од разни области, кои ги информирале за други богати колекции на африкански етнографски предмети во сопственост на некои луѓе од Скопје.

– Мала е веројатноста набргу да се организира нова изложба на истата тема. Но би можело да се размисли за евентуален откуп на некои дела и нивно прибирање во некаква поголема збирка, можеби во рамките на етнографската колекција на Музејот на Македонија. Искрено, јас би бил пресреќен доколку во иднина оваа и на неа слични изложби би можеле лесно и спонтано да се организираат на балканско ниво со колегите од соседните земји. Засега таквите проекти, поради политички и административни причини, сè уште се сметаат за „неразумен хероизам“ и „неможни потфати“. Сакам да верувам дека во иднина ќе бидеме сведоци на билатерални или трилатерални изложби на теми што денес носат статус на жешки теми, како на пример „Словени во Грција“, „Самуил“ и др. Патем, оваа изложба наметна и неколку досега недопрени научни прашања, кои заслужуваат поголемо внимание и подетални истражувања. Некои од нив би биле достојни за сериозни магистерски и докторски трудови – посочи меѓу другото Чаусидис.

А Гоце Наумов, пак, запрашан дали изложбата може да гостува во други македонски градови или, пак, во некоја од африканските држави, ја нарече таквата идеја интересна и смета дека би било одлично ако може да ја видат граѓаните од други делови на Македонија, бидејќи во неа се содржани предмети и илустрации што потекнуваат од Охрид, Стоби, Српци, Слепче, Зрзе, Манастир, Скупи, Говрлево, Маџари и други места.

– Што се однесува до гостувањето на изложбата во Африка, досега оваа можност не е конкретно разработена, бидејќи не сме во контакти со африкански музеи, ниту пак некое дипломатско претставништво има предложено ваква соработка. Меѓутоа би било фасцинантно да се претстават предмети од Македонија што имаат посредни и непосредни врски со Африка и наедно да се согледа како тамошните посетители ќе реагираат на овие врски. Сигурно би им било возбудливо да видат дека дури од предисторијата, и особено интензивно во антиката, имало динамична комуникација меѓу овие два далечни простора, и тоа не само преку трговија, туку и на ниво на религија. Од тие причини, можеби вреди и посериозно да се размислува за можно гостување на изложбата во Африка и веројатно првпат да го претставиме македонското културно наследство на овој континент. На тој начин, некако би го заокружиле културно-еволуцискиот круг и она што како демографски, генетски, религиски и технолошки процес започнало во Африка да се претстави во својот тековен стадиум карактеристичен за предисторијата, антиката, средниот век, па дури и за денешното време – рече Наумов.

Фото: Маја Јаневска-Илиева