Зошто ни се допаѓа она што ни се допаѓа

213

Ако психологијата е наука, која, меѓу другото, го проучува човековото однесување, тогаш како можеме да изоставиме нешто толку фундаментално човечко како што се уметноста и нејзиното влијание на човековата психа? Сега научниците почнаа да работат на едно возбудливо поле, со користење на научните алатки за мерење на нештата што до скоро ги сметаа за немерливи…

Ако некогаш сте се запрашале како името, односно називот на некое уметничко дело влијае на вашето доживување за истото тоа, тогаш ќе ве интересира новата студија на универзитетот „Питсбург“. Тамошните експерти открија дека луѓето повеќе сакаат дела со јасни имиња, како „Крива линија“ или „Обоени точки“, отколку фигуративни имиња како „Танц на мразот“ или „Саботажа“. Една друга студија, објавена минатиот месец од психолозите од Колеџот во Бостон, откри дека причината поради која луѓето повеќе го ценат трудот на уметникот од идентичната копија на делото се крие во фактот што веруваат дека некоја есенција од уметникот останала во оригиналот.

– Филозофите со векови се занимаваат со прашањата за уметноста, а таа ги збунува и лаиците. Сега психолозите почнаа да се занимаваат со овие прашања – наведе авторката на студијата Елен Винер.

Мистеријата на естетскиот одговор стана плодна почва за научни истражувања. Речиси дваесетина истражувачки лаборатории во САД ја проучуваат естетиката – не само во доменот на визуелните уметности туку и во музиката, книжевноста и перформансот. Повеќето од истражувањата се сведуваат на напорот да се решат две долгогодишни енигми: што е уметноста и зошто ни се допаѓа она што ни се допаѓа.

– Се работи за возбудливо поле, бидејќи почнавме да разбираме како најдобро да ги искористиме научните алатки за мерење на нештата што ги сметавме за немерливи – вели Талија Голдстајн, уредничка на весникот „Психологија на естетиката, креативноста и уметноста“.

Истражувачите од универзитетот „Лондон“ во јуни почнаа да се борат со загатката наречена уметност создадена од машините. Открија дека луѓето со презир гледаат на сликите за кои знаат дека се вештачки направени и дека позитивно реагираат на делата за кои гледаат дека ги создава робот со рака. Експертите заклучија дека вклучувањето хуманоидни роботи во процесот на создавањето уметност „може да претставува последна граница на вистинското прифаќање“ на делата создадени од страна на вештачката интелигенција. Некои други студии се занимаваа со медицинската и едукативната примена на уметноста. Националната фондација за уметност помага во финансирањето на истражувањата за потенцијалните терапевтски предности на уметноста во лекувањето болести или нарушувања, како и во подобрувањето на симптомите кај хроничните болести, нарушувањата или разните здравствени состојби.

Оваа организација исто така работи на заедничка студија со Министерството за одбрана на САД, која треба да докаже дека украсувањето празни маски од страна на самите војници може да помогне во дијагностицирањето и лекувањето на посттрауматското стресно нарушување. Прелиминарните резултати покажаа дека маските ја прикажуваат психолошката состојба на војниците и ветераните, кои во нормална ситуација неволно ги пријавуваат симптомите на болеста.

Тимот на Винер ја објави студијата во јуни. Истражувањето беше насочено кон тоа како луѓето си го менуваат мислењето за уметничките предмети што до неодамна ги почитувале откако ќе откријат дека тие не се создадени од уметник. Студијата се темели на експеримент со идентични слики на едно исто уметничко дело, поставени една до друга. На некои од испитаниците им беше кажано дека делото на левата страна е создадено од уметник, а она десно е дело на неговиот асистент. Набљудувачите повеќе го почитуваа делото за кое сметаа дека е направено од уметник. Нивниот заклучок гласеше: „Сакаме да гледаме оригинални дела, за кои знаеме дека се креирани од уметник, зашто веруваме дека на тој начин комуницираме со умот, душата, срцето и есенцијата на уметникот“.

Идејата за тестирањето на уметноста предизвика и скепса. Во написот од 2017-та, Алексис Макин, психолог од универзитетот „Ливерпул“, искажува сомнеж во ефикасноста на одговорите во врска со уметноста во клиничко опкружување.
– Буквално е невозможно да се предизвикаат интензивни емоции во лабораторија, каде што тестовите се повторуваат во строго контролирани услови, бидејќи естетските емоции се премногу непостојани. Ние сме како научници што би сакале да измерат редок водовртеж во еден хаотичен систем, но тој не може со сигурност да биде создаден во вештачки базен – напиша тој.

Винер вели дека и порано слушала вакви критики и дека ги отфрлила.

– Ако психологијата е студија за човековото однесување, како можеме да изоставиме нешто толку фундаментално човечко како што е уметноста – прашува таа.
Во таквиот контекст стои предизвикот да се откријат многу суштински работи длабоко скриени во човековата психа, со чие откривање ќе се придонесе до излегување на површина на она што е благородно, емпатично, емоционално и она што ги поврзува луѓето во насока на напредок и конструктивност, наместо во деструкција.