Злате, 2

274

Пред да ги постројат „организирано“ за пречек на претседателот, во училиштето се одржува приредба. Во едночинката „Дедото и внучето“, тој го глуми внучето, а дедо му е Ване. Зад завесата, додека на сцената осмоодделенката Соња Стојановска го рецитира „Титов напријед“, ги здогледува во публиката своите родители, во вториот ред, зад директорот и наставниците, како вкочането сериозни го очекуваат неговиот настап (Ване сиот испотен: „Кажи ми, како беше она, кога ми седнуваш во скут, што ми кажуваш?“, тој: „Вака, дедо, утре сакам да ме земеш со себе на нива…“, наставникот по македонски, со гласен шепот: „Еј вие двајцата таму, замолчете!“). Сепак, на општо задоволство, едночинката ја одигруваат како што треба и тој пофален од наставникот, од насмевката на татко му во публиката и двете солзи-радосници на мајка му, понесено отчекорува до „Маршал Тито“. Но таму го чека Злате и гордоста му спласнува како балон набиен на шилец.
Најпосле, другарот Тито се појавува.

Од полуотворениот прозорец на големата црна лимузина мавта неговата десна рака со бела ракавица. Тито! Тито! – ечат многубројните гласови околу него и токму тогаш, во тие особени мигови добива силна шлаканица преку ушите. – „Ќе те скршам“ – процедува Злате со змиски шепот сред аплаузите и здружените тонови на „Хеј Словени још сте живи…“ што училишниот хор почнува да ја пее додека лимузината со Титовата десна рака што отпоздравува минува пред нив.
Во главата му одѕвонува од шлаканицата, помешано со „…док за народ срце бије њихових синова…“, толку му е страв Злате да не го тресне уште еднаш „…живи живи дух словенски живјеќе вјековма…“, знае дека овој се клешти зад него, „врати му! удри го“, некој слабичок глас се обидува безуспешно да го охрабри „…залуд пријети понор пакла, залуд ватра грома…“, завршува хармонично хорот, иако лимузината со другарот Тито си замина, – „Те молам, Злате, немој“ – зацимолува, понижен и претепан.