За четирите македонски книжевни моќници (2 )

408

Конески и Јаневски често се спомнуваат заедно, со право, како главни подигнувачи на современата македонска литература, иако како автори тие имаат речиси наполно различни книжевни стратегии.
Кај Јаневски поезијата и прозата се како поплава, незапирлива, пребујна, преполна со надоаѓачки зборови, што се тркалаат носени од буицата. Во Кукулинскиот циклус таа напрегната јазична сила, напоена со чудесни митски реликти, станува уште поволтажна. Што е делумно, мислам, показ и на неговата човечка природа. Јаневски и во својата сликарска, градинарска и ловечка страст, во интересот кон стрипот, како да го позајмуваше вишокот енергија од писателството.
Конески, спротивно, е строг, прецизен и одмерен творец. Се чини дека внимателно, со смислен план, ги подготвувал градбите на своите песни. Неговата љубов кон шахот, неговата интровертна замисленост, се чувствуваат и во неговото поетско создавање што наликува на промислен, детално вообличен избор. Во неговата поетска работилница, секое парче алат ја знае својата намена и чека да се функционализира, да се вклучи во градењето на поетската стварност.

Определбата, која е фигурата што секој од четворицата значајни македонски автори ја изградија кон јавноста и власта, и овие кон нив, ја поткрепувам, пред сѐ, со нивните творечки специфики, а ја дополнувам со рецепцијата на нивните дела и личности за време на нивните животи, како и по нивната смрт.
Се чини најочигледен е трибунскиот ореол што Конески го заслужи уште во младоста и којшто со годините и децениите го засилуваше со своето книжевно и научно влијание. Тивок Трибун, тој создаде чети од свои следбеници и почитувачи, кои наизуст ги говорат стиховите на „Везилка“, „Тешкото“, „Стерна“… Моќта на неговата реч постхумно се зголемува и е темелна потпора на македонскиот културен и национален идентитет.
За разлика од Конески, кој сосема се вклопува во трибунската позиција, Јаневски е мешан тип. Се знае дека поседувал прилична политичка моќ и дека умеел да манипулира со власта, но по сѐ изгледа не целел кон трибунското место (што и така било неприкосновено заземено од Конески), па не може да се означи дури ни како „несуден трибун“ (како Гане Тодоровски, на пример), а од друга страна, и покрај повремената жестокост и користење на политичката привилегираност во меѓуписателските односи, Јаневски не ја прифаќал хронистеричката улога, да биде во служба на други приоритети, освен на сопствените.

Неговите книжевни амбиции, во многубројните книги поезија, романи, раскази, сценарија, детска литература се силно и постојано насочени кон истражување на книжевната форма. Иако читателот го препознава неговиот стил, тој од книга до книга бара различни стилски решенија, притоа преплетувајќи ги реалното и ониричкото, митското и имагинарното.

(продолжува)