За пламенот и светлината

21

Чудесно е денес да ги прелистуваш страниците на поезијата и есеите на современиот романски писател, академик Јон Деаконеску. Од повеќето романски писатели по Мирча Елијаде, Ежен Јонеско, Емил Сиоран, Константин Бранкуши, Никита Станеску, тој успева да се вознесе до врвот и скалилата на својата творечка Вавилонска кула и секако го зграби јадрото на големите постулати и дела во светската литература. Низ познавањето и дипломирањето на француската литература и јазик, успева од својата повоена генерација да се возвиши како исклучителна личност што ги негува уметничките и академските дострели и приноси на своите вечни соништа.

Денес современата романска литература претставува врв низ книжевните азна и јазли на својата плодна афирмација. Деаконеску е вистински витез, литературен бард, господин, никулец и аполог во креативноста на својата светска литература и уметност. Своите врутоци и интереси кон Македонија и Медитеранот, тој ги согледува токму низ перото и големиот зграб и интерес на македонските писатели и дела. Доаѓа во Скопје како лектор по романски јазик и филологија на универзитетот „Свети Кирил и Методиј‘‘ и Филолошкиот факултет во Скопје.

Својот творечки вознес и раскош тој ги стекнува низ уката, познавањето и дружењето со македонскиот писател Блаже Конески, како и со плејадата македонски писатели: Матеја Матевски, Гане Тодоровски, Борис Вишински, Паскал Гилевски. Тогаш тој ги открива големата запалена искра и пламен во македонското поетско огниште, виорот и вечната трага и интерес кон македонската литература и култура. Станува лектор по романски јазик на универзитетите во Белград и во Нови Сад.

Својата поезија и поетика ги соѕидува и кова врз големите столбови и темели на романската традиција и историја. Многу е нежен, раскошен, богат и преполн со божествени дарби и дарови од природата. Тој е поет на имагинарниот волшебен свет, чија убавина и палета посебно ги освојуваат убавината и сетилата кај жената. Филозофски и емпириски пее со својот ангелски глас, со метафизички блесок и астрален ек. Секогаш е нов, метафоричен и исполнет со сноп светлина, љубов и радост за човекот. Посебно го негува есејот и нему му приоѓа со особен интерес и откривање. Неговите теоретско-есеистички книги ја откриваат и сублимираат големата реторика на огледалата, тој свет на грчко-латинското говорништво и плејада. Критички и научно се однесува кон проникнувањата и археологијата на теоретските и културните достигнувања во општеството.

Неговиот длабок „Бунар на мислите“ и сознанијата, полифониски и епохално извираат од бујниот епски тек и проток на бистрите кладенци и извори на јазикот мајчин. Јон Деаконеску навистина претставува големиот глас и воскресение за животот и срцето човеково и ненадминливо. Честитки за неговото признание од медитеранската академија „Браќа Миладиновци“, која го прогласи за свој лауреат годинава, и за раскошот и богатството на неговото обемно книжевно дело.

Разме Кумбаровски