Завршена реставрацијата на Тутанкамоновата гробница

97

Ѕидните слики биле оштетени од влага, прашина и јаглерод диоксид што го издишувале посетителите

Стручните лица од институтот за конзервација „Гети“ ги поправиле гребнатините и оштетувањата на ѕидните слики на Тутанкамоновата гробница, кои во најголем дел ги предизвикале нејзините посетители. Во неодамна завршениот реставраторски проект, кој траеше девет години, се надминати сите проблеми важни за опстанокот на познатата гробница на египетскиот фараон. Според Би-би-си, сликите биле оштетени од влага, прашина и јаглерод диоксид што го издишувале посетителите што влегувале во просторот каде што бил погребан младиот фараон. Сега таму е вграден нов систем за вентилација, кој би требало на минимум да ја сведе потребата од идни реставрациски зафати.

Поставени се и нови бариери што ќе им го ограничат приодот на посетителите до сликите, а истовремено новата визуелна платформа, светлосната и интерпретативната сигнализација треба да им овозможат подобро да ја видат гробницата и да го разберат нејзиното историско и културно значење.

– Сакавме да создадеме одржлив систем што секојдневно ќе може да одговори на потребите на посетителите, а исто така да го намалиме штетното влијание на оригиналните археолошки артефакти – рече Сара Ларденоа од институтот за конзервација „Гети“.

Ларденоа додава дека ништо од „помошните компоненти не можело да биде закачено за подот, за таванот или за ѕидовите“, така што морало да се најде начин на кој тие ќе бидат „самоносечки“, за да не ја уништат историската вредност на археолошките артефакти. Стручните лица исто така заклучиле дека кафените точки, забележани на ѕидните слики, се предизвикани од микроорганизми што долго време биле мртви и не претставувале никаков нов ризик. Тие точки не се отстранети, бидејќи било констатирано дека продреле во слоевите боја на сликите.

Тутанкамоновата гробница е пронајдена во 1922 година, во Долината на кралевите, недалеку од Луксор. Ја откриле британските археолози Хауард Картер и Џорџ Херберт.