Жената веќе не е само пред штафелајот

494
Лазар Личеноски, Везилка 1946, мозаик-бетон камен

Во „Чифте-амам“, по повод 8 Март, утревечер ќе биде отворена изложба на дела создадени под инспирација од девојки, жени, мајки, љубовници, борци…

„Рахела“ од Димче Коцо, 1965 година (таписерија), „Полуакт“ од Иван Велков, 1958 година (масло на платно), „Портрет на Милица Бешевиќ“ од Урош Предиќ, 1917 година (масло на картон) „Св. Богородица страсна“ од непознат автор, 15-16 век (икона), „Невеста на летото“ од Вангел Наумовски, 1984 година (литографија), „Глава на девојче“ од Димо Тодоровски, 1946 година (бронза), „Везилка“ од Лазар Личеноски, 1946 година (мозаик – бетон – камен), „Капење“ од Петар Николовски-Мавру, 1957 година (масло на платно), „Жетвари (селска фамилија)“, 1945 година (масло на платно)… се некои од насловите од вкупно 70 експонати што од утре ќе бидат презентирани на изложба, која под наслов „За неа“ ќе биде отворена во галеријата „Чифте-амам“ при Националната галерија на Македонија, во 20 часот.
Повод за отворањето е Меѓународниот ден на жената, 8 Март, а делата во кои централен лик е токму таа, се од богатата галериската колекција каде што се чуваат и други дела инспирирани од девојки, жени, мајки, љубовници, борци… Станува збор за дела и од други македонски автори меѓу кои се и Никола Мартиноски, Борко Лазески, Петар Мазев…, автори и од помладата генерација како: Рубенс Корубин, Ацо Станкоски, Тодорче Атанасов и др. Но, како што потсетуваат од галеријата, колекцијата содржи и дела од автори од поранешните југословенски простори: Влахо Буковац, Тома Росандиќ, Иван Мештровиќ… Куратор на изложбата е Горанчо Георгиевски, а на отворањето ќе говори Ана Мартиновска, професорката по културолошки студии на Институтот за македонска литература.

„Капење“ од Петар Николовски-Мавру, 1957 година

– По минатогодишната афирмација на жените-уметници и напорите за зголемување на нивната видливост во македонската јавност, Националната галерија на Македонија ја продолжува традицијата на славење на жената преку делата од својата колекција. Овој пат фокусот е насочен кон жената видена низ призмата на уметникот, жената како мотив, модел, инспирација, објект, како сето она што, за жал, долго време се сметаше за единствено место каде што жената во уметноста припаѓа – од задната страна на штафелајот. Денес, кога жените остро му се спротивставија на непишаното правило дека „жената мора да биде гола за да влезе во музејот ’Метрополитен‘“ и полека, но сигурно го добиваат своето заслужено место во историјата на уметноста, веќе не мораме да бидеме толку критични кон конвенционалните имаголошки проследувања на репрезентациите на жената во ликовните дела и можеме поспокојно да им се вратиме, овој пат од феминистичка гледна точка – вели меѓу другото таа.
Мартиновска нагласува и дека уметноста е производ на своето време и резултат на социјално-политичкиот, културолошкиот и верскиот контекст во кој се создава, па од позиција на 21 век, изложбата „За неа“ отвора голем број прашања за историјата на уметничката продукција во Македонија и регионот, но и генерално за позицијата на жената во општеството.

Томо Шијаковиќ – Шијак, 1964, масло на панел

Професорката во оваа пригода ќе укаже дека „родот мора да се чита како оска на односите на моќ во општеството, кој во голема мера ја детерминира уметничката репрезентација и на жените и на мажите, преку која ги следиме асиметричната хиерархија, социолошките и симболички разлики, начините на конструирање на женскоста и женственоста, идеалите, убавината, телесноста, сексуалноста…“
Кураторот Горанчо Георгиевски, пак, посочува дека „соочени со темите од историјата на уметноста каде што жената е постојано присутна, од предисторијата, преку антиката, хуманизмот и ренесансата, па до модернизмот и рецентноста, во македонската и во регионалната модерна и современа уметност среќаваме сцени каде што жената е непресушна инспирација за уметниците“. Содржински делата на изложбата ќе бидат поделени во повеќе теми и целини (почнувајќи од религиозни сцени, сцени од општествениот живот и учеството на жената во нив…, па до сцени на еротизам).

– Жената како инспирација е постојано присутна во уметноста, во сите епохи и изми, од предисторијата, преку антиката и хуманизмот, па до денес. Поинаку од потребата за доминација на машката анатомија, која неретко оддавала идеолошка и митска драма, претставувањето на женските контури и телесни површини презема форма на идеализација. Истражувањето на физичкиот и емоционален ефект на жената во уметноста и животот отвораат можност за себеистражување и себеизразување во творештвото на уметниците – вели кураторот.

Историчарката на уметноста, Александра Зиновски-Вилиќ, која исто така работеше на изложбата што се очекува да привлече големо внимание кај публиката, осврнувајќи се на местото на жената како постојана, неисцрпна инспирација во уметноста, која наметнува теми за размислувањe и анализирањe во сите домени на нејзиното живеење, ќе посочи дека на оваа изложба, жената е претставена и како девојче, млада девојка, невеста и мајка, дама, старица, борец или моделка во ателјето на уметникот.

– Без оглед на тоа дали станува збор за слика, скулптура, графика, мозаик или таписерија, во сите дела се насетува напорот на уметникот да ги долови убавината, среќата, тагата, богатството или сиромаштијата. При вакво едно патување низ повеќе периоди во уметноста, се навраќаме во минатото со што можеме да ги забележиме промените на естетските доживувања на авторите токму преку нивното творештво. Иако изложените дела зафаќаат поширока временска рамка, од првата половина на 19 век, па до денес, тие мошне лесно воспоставуваат еден близок однос, контакт со публиката. Така на пример, „Портрет на дама“ од 1920 година на Паја Јовановиќ и „Фигура“ од 1948 година од Борко Лазески, иако се различни стилски прикази на жената: првиот во духот на реализмот, а вториот во духот на посткубизмот, тие, сепак, го привлекуваат вниманието заради специфичните односи и видувања на времето во кое се настанати: едниот го прикажува целовитиот поглед на светот, а другиот неговата разградба и сегментарност и со тоа никого не оставаат рамнодушен – ќе забележи меѓу другото Зиновски – Вилиќ.

Димо Тодоровски, Глава на девојче, 1946, бронза