Ентелехија

125

Откупна награда на Конкурсот за краток расказ на „Нова Македонија“

Емилија Гиноска

Детето не го јадеше еклерот на чинијата, туку удираше со метално лажиче по неа толку силно, што целата пекарница одѕвонуваше со звук како да си во внатрешност на црковна камбана. Ана нервозно со поглед го бараше родителот на невоспитаното момченце. Но таткото го имаше залепено носот на стаклото кај буреците и занесено се одлучуваше помеѓу баничка или четвртина со месо. Детенцето не престануваше со забавното тропкање, кое на сите очигледно им пречеше, но никој не реагираше. Ана веќе му испраќаше лути погледи, кои светкаа како молњи на нејзиното смуртено лице. „Може треба да му ја ѕвекнам една… Не, не, ќе го земам еклерот и ќе му го размачкам по неговото безобразно муце. Како ли ќе изгледа тоа да му го направиш на дете? Да му го размачкаш еклерот по лицето и косата и по целата глава, а тоа да плаче…“ Детето зачудено ја погледна со своите крупни кафени очи. Не му беше јасно зошто оваа тетка толку го зјапа. Ана затечена, го тргна погледот од него и подлабоко го запетла мантилот. Нејзината колешка се врати, носејќи две кафиња.
– Треба да одам – се извини Ана – глупавата банка пак ќе ми затвори. Што да им правам, неспособни. Фала за кафето.
Надвор небото беше темносиво, со густи облаци. Тротоарот по кој газеше беше уште посив и испукан. „Неверојатно, си мислеше, никако да го поправат. Цел град е полн со неспособни луѓе. Ништо не се менува.“ Пристигна до темнозелена зграда и влезе низ автоматизираната врата. „Оф боже, каков метеж, нормално. Никој не знае да работи на шалтер. Значи, во банка работат најнеспособните луѓе. Ако и овој пат ме заглават, ќе почнам да викам на цел глас. Само ако ме вратат како минатиот пат, ќе викам сè додека не дојде некој менаџер или самиот директор. Нема шанси да трпам повеќе. Ќе врескам како ненормална. Ќе…“.

– Повелете – одѕвони пријатниот глас на службеничката зад масата за странки.
Ана малку здрвено се приближи кон неа и ѝ подаде еден документ. Службеничката ја испружи својата елегантна дланка и внимателно почна да го проучува. Ана со полукренат поглед ја набљудуваше розовата кожа на девојката, која совршено се претопуваше со нејзината бледорозова кошула. „А, што ако ја бакнам тука пред сите? Што ако ја повлечам силно за рамениците и ја грицнам за преубавото лице? Што ќе се случи? Како ќе реагираат другите? А таа? Ќе ѝ се допадне или ќе се тргне од мене со гадење? Што, што ќе се случи?“
Службеничката поразговара со еден од вработените и насмеано ѝ се обрати: – Дојдете за седум работни дена и ќе биде средено.
– Седум работни дена? – Ана се вцрви од лутина. – Не може порано?
– За жал не – студено одговори службеничката.
Ана ја гледаше втренчено цела секунда и пол.
– Добро, пријатно.
Надвор веќе врнеше силен дожд. Ана го отвори чадорот и нервозно зачекори по градскиот тротоар. „Се разбира, јас секогаш треба да трчам до банка и да ги завршувам тие обврски. Сè мора да е на мене. Сè.“ Нагло застана пред една продавничка и влезе во неа.

– Една кутија слим цигари ве молам – ѝ кажа на продавачката.
Таа побара нешто зад касата и промрмори дека треба да оди назад да ги земе. Ана остана сама. „Укради нешто“, ѝ шепкаше тивко гласче, „не плаши се и пикни си нешто во џебот. Никој не те гледа.“ Ана стоеше парализирано, опкружена од сите страни со ситнурии. „Земи ги гумените бонбони, земи ги додека не се врати продавачката. Немаш многу време“. Очите на Ана панично вртеа наоколу, дишењето ѝ беше забрзано, но рацете не се мрдаа. „Аман, укради нешто!“, врескаше гласот во неа. Продавачката се врати зад касата.
– Сакате уште нешто? – праша уморно.
– Не, фала – без душа одговори Ана и излезе.
Надвор ја удри студен воздух со ситен дожд. Се намурти и забрзано продолжи по булеварот: „И сега му текна да варосува. На ова време? Цело лето дремеше и моментот кога дојде есен, тој ќе ми реновира. Глупости. За сè да се влечкало, бре. Ќе ме умре тој човек.“
Стигна до паркинг пред голем осветлен хотел. Го истресе чадорот и влезе внатре. Услужлив младич ја насочи кон големата сала за конференции. Ана го соблече мантилот, ја измазни облеката, го поднамести беџот и насмеано се упати кон влезот на салата.
„Ви благодарам што повторно учествувате во нашата редовна работилница: Целта во себе, скриениот потенцијал во секој човек да ја оствари својата суштина преку креативност, храброст и позитивност“.


Емилија Гиноска, родена во Скопје, во 1979 година. Дипломирано на Филозофски факултет, насока филозофија. Објавени раскази претходно на конкурсот на „Нова Македонија“ (откупна награда во 2011 година) и на порталот „Окно“, на конкурсот „Бегство“. Вработена во државна администрација.