Еден од најголемите живи кинематографери

33

ЛИЧНА КАРТА: Роџер Дикинс е роден на 24 мај 1949 година, во гратчето Торквеј, Девон, Англија/Обединетото Кралство. Студирал фотографија на академијата „Бет“ и на Националната филмска школа (НФШ) во Лондон од 1972 до 1975 г. Од тој ран период фотографијата останува негова трајна љубов, а потоа му се посветува на филмот.

БРИТАНСКИ ПЕРИОД: има два периода во својата кариера како кинематографер. Првиот, британскиот, е од средината на 1970-тите години, кога снима филмови во англиската кинематографија, најмногу со режисерот Мајкл Редфорди: „Друго време, друго место“ (1983 г.), „1984“ (екранизација на истоимениот научнофантастичен роман на Џорџ Орвел во истата 1984 година) и „Бели неволји“ (1987 г.). Пред тоа, во 1986 г., со режисерот Алекс Кокс и со Гери Олдмен во насловната улога на Сид Вишиус, лидерот на панк-групата „Секс пистолс“ го снима култниот филм „Сид и Ненси“, а со режисерот Мајк Фиџис го снима исто така познатиот филм „Бурен понеделник“ (1988 г.).

АМЕРИКАНСКИ ПЕРИОД: вториот период, американскиот, почнува во 1990 година, кога со режисерот Боб Рејфелсон го снима својот прв американски филм „Планини на месечината“, за потоа во 1991 година да го сними првиот филм „Бартон Финк“ на браќата Џоел и Итан Коен, со кои ќе изгради најплодна соработка, станувајќи нивен партнер-кинематографер, снимајќи ги сите нивни филмови, од кои добива и најмногу номинации за „оскар“.

НОМИНАЦИИ: има 13 номинации за „оскар“, со кои останува рекордер во светски рамки, осум се со други познати американски режисери, а со браќата Коен има најмногу, вкупно пет. Сепак, со режисерот Френк Дарабонт, во 1995 година ја добива првата номинација за „оскар“ за „Бегство од Шошенк“ (снимен во 1994 г.), кога и ја добива наградата на АСЦ, потоа за филмот „Фарго“ во режија на браќата Коен, во 1997 г., ја има втората номинација за „оскар“ за најдобар кинематографер. Номиниран е и за „Кундун“ на режисерот Мартин Скорсезе.

ПОНОВИ ФИЛМОВИ: во 1998 година продолжува со Коен, со „О брате, каде си“ (2001), „Човекот што не беше таму“ (2002), за кој требаше уште тогаш да го освои првиот „оскар“, но затоа ја доби првата од четирите награди на Британската филмска академија, БАФТА, за „Нема земја за стари луѓе“ (2008). За „Убиството на Џеси Џејмс“ доби номинација за „оскар“. Филмот е во режија на Ендрју Доминик. Исто така и за „Читачот“, на режисерот Стивен Далдри (2009), доби поделена номинација со вториот кинематографер во тој филм, Крис Менџис. „Вистински сој“ на браќата Коен доби номинација во 2011 година, како и две награди, БАФТА и БСЦ. „Пад од небо“ (2013) на режисерот Сем Мендис и „Нескршливиот“, во режија на Анџелина Џоли, според сценарио на браќата Коен, доби номинација за 2015 година.

ИЗЈАВА: „Нашата неколкугодишна упорност да го донесеме во Македонија/Битола, еден од најголемите живи светски кинематографери, Роџер Дикинс, се оствари на наша најголема радост, и тоа во годината кога тој конечно стана заслужен освојувач на ’оскарот’ за креацијата во сега веќе новото антологиско дело од неговата богата ризница, ’Блејд ранер 2049’. Филм креиран во соработка со канадскиот режисер Дени Вилнев, со кого претходно ги работеше на нивните исто така две одлични остварувања, ’Сикарио’ и ’Затвореници’ (2013), кога и ја започнаа нивната успешна соработка, која ја крунисаа со ’оскарот’ за Дикинс. Значи, Дикинс станува наш нов член во Клубот на великаните“, велат организаторите на битолскиот фестивал „Браќа Манаки“, откако го прогласија Дикинс за лауреат на „златната камера 300“.

ДВОЈСТВО: за големината на Дикинс сведочат импозантните бројки од 115 најразлични светски филмски награди и 148 номинации. Роџер Дикинс е со право во двојството, како британски и американски кинематографер, еднакво респектиран од двете значајни светски асоцијации на кинематографери, кои за неговите филмови неколкукратно му ги даваа нивните годишни награди за најдобар кинематографер.

ЖИВОТЕН ПАРТНЕР: конечно, како многу битно, негов најверен и најдоверлив партнер во животот и професијата, која се посвети на неговата кариера со сета своја љубов, е неговата прекрасна сопруга, Џејмс Елис Дикинс, со која е во брак од 1991 г. и која и самата е филмски професионалец, најчесто во неговите филмови како супервизор на сценарио. Брачната двојка Дикинс годинава ќе гостува во Битола како главни гости на фестивалот „Браќа Манаки“, посветен на уметноста на кинематограферите.