Егон Шиле – богот на желбата

39

Родниот град на Егон Шиле, Виена, одбележува еден век од неговата смрт, со голема изложба во музејот „Леополд“. Во првата соба е изложено делото „Хермитс“ (1912), на кое две човечки фигури во природна големина, едниот несомнено Шиле, а другиот веројатно Густав Климт, стојат еден до друг. Изложбата содржи 40 слики и над 180 цртежи на хартија и се смета за најголема колекција на делата на Шиле во светот.
Инаку, годинава светските метрополи ја одбележуваат 100-годишнината од смртта на двајцата големи уметници Егон Шиле и Густав Климт. Двајцата починале во 1918 година во Виена. Шиле имал 28 години, а починал од шпанскиот грип, кој ја убил и неговата бремена сопруга, а Климт, кој имал 55 години, починал од пневмонија, која ја добил во болницата каде што закрепнувал по доживеаниот мозочен удар.
И двајцата уметници имаат романтични биографии, исполнети со љубовни пресврти и, конечно, трагични краеви. Биле исклучително талентирани, отворале нови простори во уметноста, рушеле бариери и предрасуди за тоа како треба да се слика, но, исто така, и кого да се наслика, и биле популарни кај жените. Иако меѓу нив имало речиси триесет години разлика, уметниците исклучително се почитувале меѓусебно. Делата на Шиле на изглед покажуваат енергичност, на Климт, пак, се навидум смирени. Денес тие се омилени меѓу колекционерите, една од најскапо платените слики во историјата е „Адел Блох Бауер 2“ од Густав Климт, за која еден кинески колекционер плати 150 милиони американски долари и која сега се наоѓа во Кина. Сликата кон крајот на минатата година ја продаде Опра Винфри.
Во нивна чест во австрискиот главен град за годинава се најавени повеќе изложби, сите посветени на новиот поглед на работата на двајца одлични уметници. Музејот „Леополд“ веќе ја отвори изложбата насловена „Егон Шиле: јубилејна изложба“, која ќе трае до 4 ноември, со акцент на експресионистичките години на уметникот. Таа содржи слики и цртежи на хартија со автопортрети и прикази на жени.
Во Париз, пак, каде што делата на Шиле ретко можат да се видат, ќе има изложба во фондацијата „Луј Витон“, паралелно со онаа на Жан-Мишел Баскијат. Изложбата ќе трае од 3 октомври до 14 јануари, каде што авторите ќе бидат одделно поставени, но под заедничко име „Експресионизам и мачеништво“.