Документарец за спомениците од НОБ на Балканот на „Берлинале“

258

Во исландскиот документарец „Последен и прв човек“, кој го режираше трагично починатиот композитор Јохан Јохансон, нараторка е славната актерка Тилда Свинтон, а проектот се темели на истоимениот научнофантастичен роман на Олаф Стапледон од 1930 година, како и на фотографиите на споменици од времето на социјализмот на подрачјето на Балканот што ги направи белгискиот фотограф Јан Кемпенаерс

На претстојниот Филмски фестивал во Берлин ќе ги видиме новите филмови на Агњешка Холанд и Џиа Занг-ке, но и на трагично починатиот Јохан Јохансон, за спомениците на Балканот. „Берлиналето“ од оваа година има ново раководство, па сите со нетрпение ги очекуваат контурите на новата насока во која ќе оди програмата на еден од најважните фестивали во светот. Засега е објавен изборот на кратки филмови, како и на поединечни остварувања во програмата „Берлинале спешл“.
Новата управа на фестивалот, извршната директорка Мариете Рисенбек и уметничкиот директор Карло Катриан, одлучи повеќе да нема филмови надвор од конкуренција, туку сите такви филмови да се прикажуваат по посебна програма „Берлинале гала“. Тоа ќе бидат филмови што го заслужуваат црвениот тепих и што имаат посебен третман, но не се во конкуренција за фестивалските награди. Новото раководство и во овој сегмент најавува разноликост, а првиот најавен наслов е „Пинокио“, новиот филм на италијанскиот режисер Матео Гароне со Роберто Бењини во улогата на Џепето.
Тука е и новиот филм на Агњешка Холанд, „Шарлатан“, потоа британскиот филм „Минамата“ на режисерот Андре Левитас со Џони Деп во главната улога, па документарната серија „Хилари“ на Нанет Бурстајн за некогашната американска прва дама и претседателска кандидатка Хилари Клинтон, како и уште една светска премиера, новиот филм, овој пат документарен, на извонредниот кинески режисер Џиа Занг-ке, „Пливајќи додека морето не стане сино“.

Најавена е и премиерата на исландскиот документарец „Последен и прв човек“, кој го режира трагично починатиот композитор Јохан Јохансон. Нараторка во филмот е славната актерка Тилда Свинтон, а проектот првично бил замислен како мултимедијален проект што би се прикажувал во концертни сали со музика што ја компонирал Јохансон. Филмот во таква форма е веќе прикажан во „Барбикан хол“ во Лондон и во Операта во Сиднеј, а сега првпат ќе биде прикажан како филм во Берлин. Ова беше втор режисерски обид на Јохансон, кој претходно го има снимено краткиот документарец „Крај на летото“.

„Последен и прв човек“ се темели на истоимениот научнофантастичен роман на Олаф Стапледон од 1930 година, како и на фотографиите на споменици од времето на социјализмот на подрачјето на Балканот што ги направи белгискиот фотограф Јан Кемпенаерс, кој отишол во Сараево во 1996 година за да сними фотографии што би го покажале влијанието на војната врз околниот пејзаж. Но се сретнал со дотогаш нему непознат феномен – апстрактните споменици на НОБ. Тој 41-годишен Белгиец во две години трипати пропатува низ деловите на поранешна Југославија за да го оствари својот проект. Белгискиот фотограф го привлекле неколку работи за спомениците од НОБ што настанале во текот на 50-тите, 60-тите и 70-тите години од минатиот век. За време на истражувањето на „идеологијата што ја изгуби битката“, тој открил една нетипична отвореност на југословенскиот режим кон апстрактните споменици во периодот на 1950-тите години, кои покажуваат дефинитивно отклонување од соцреализмот. Вели дека иако станува збор за споменици што ги слават херојската историја и ветувањето за убава иднина, нивната морфологија и дизајнот се модерни, па дури и футуристички, па поради својата убавина заслужуваат почит.

Јохан Јохансон, исландскиот композитор на филмска музика, познат по вештите комбинации на класичен звук со современа електроника, почина на 48-годишна возраст во 2018 година. Тој беше пронајден мртов во неговиот стан во Берлин, а причината за неговата смрт остана непозната. Јохансон е роден и израснат во Исланд. Во младоста тој бил рок-музичар. Покрај тоа што е композитор, работел како сценарист и продуцент. Тој, исто така, објави неколку соло-албуми. Музиката направена за биографски филм „Теоријата на сè“ (2014), посветен на еминентниот научник Стивен Хокинг, му носи награда „златен глобус“. Во 2016 година, Јохан Јохансон беше номиниран за „оскар“ за оригиналната музика на филмот „Сикарио“. Како автор на музиката за „Првиот контакт“, тој доби номинации за „бафта“, „греми“ и „златен глобус“.


Македонската копродукција „Малмкрог“ во Берлин

„Малмкрог“, најновиот филм на романскиот режисер Кристи Пују, малцинска копродукција на Македонија, ќе ја отвори програмата „Инкаунтерес“ на „Берлинале“. Филмот, кој во официјалното соопштение од „Берлиналето“ е наречен „патување низ времето и мислите, кој фасцинира со прецизност и инвентивност“ е копродукција помеѓу Романија, Србија, Швајцарија, Шведска, Босна и Македонија. Главен продуцент е „Мандагора“ од Романија, како македонски копродуцент се потпишува продуцентската куќа „Сестри и брат Митевски“.
Кристи Пују своето најново филмско дело во кое се јавува и како сценарист го именува по село во Трансилванија и го заснова по книгата на Владимир Соловјев „Три разговори“, а е за војната, прогресот и крајот на историјата. Македонската продуцентска куќа „Сестри и брат Митевски“ има историја на успешна соработка со режисерот Кристи Пују и е копродуцент на филмот „Сиера Невада“, кој во 2016 година беше во официјалната селекција на престижниот Кански филмски фестивал.