Дигитално реставрирани пет македонски филма

131

ДВД-изданието на пет дигитално реставрирани македонски играни филмови ќе биде промовирано утре, со почеток во 19 часот, во киносалата на Кинотеката на Македонија. Се работи за филмовите „Три Ани“ (1959) на Бранко Бауер, „Жед“ (1971) на Димитрие Османли, „Македонскиот дел од пеколот“ (1971) на Ватрослав Мимица, „Татко (Колнати сме, Ирина)“ (1973) на Коле Ангеловски и „Хај-фај“ (1987) на Владимир Блажевски.

Филмовите во ова ДВД-издание хронолошки се реализирани во распон од 28 години. За разлика од претходните ДВД-изданија на дигитално реставрираните филмови од целокупниот опус на авторите (браќата Манаки, Арсениј Јовков, Љубиша Георгиевски, Бранко Гапо, Столе Попов, Милчо Манчевски, Кирил Ценевски), изборот на филмови што се дигитално реставрирани, како дел од културното наследство, беше резултат на меѓународната соработка на Кинотеката на Македонија со други филмски архиви од некогашна Југославија.

– Тематските преокупации во сите овие пет филма, за жал, може да се заокружат низ „широчината“ во тегобноста присутна во нив. Кај Бауер во „Три Ани“ тоа е тегобноста на егзистенцијата по смртта на чедото; кај Османли во „Жед“ тегобноста, парадоксално но вистинито, се огледува како во водената површина што ја нема, во безизлезноста на малото зафрлено место „на половина пат за никаде“; кај Мимица во „Македонскиот дел од пеколот“ тегобноста во окупираното село од страна на фашистичката војска е просто опиплива како пластелин; кај Ангеловски во „Татко (Колнати сме, Ирина)“ тегобноста е внатре во душата на главните карактери; кај Блажевски во „Хај-фај“ тегобноста е во заробениот ум… – велат од Кинотеката.
На промоцијата ќе бидат авторите Коле Ангеловски и Владимир Блажевски. Филмовите ќе се прикажуваат секој ден од вечерва до сабота.