„Дивата круша“ имаше извонреден прием од публиката и од критиката во Кан

227

Македонија вторпат како малцинска копродукција, учествуваше на најпрестижниот филмски фестивал во светот. Преку „Сестри и брат Митевски продукција“ Македонија учествуваше во најновиот филм на генијалниот Нури Билге Џејлан, „Дивата круша“, кој беше во главната натпреварувачка програма и имаше извонреден прием од публиката и од критиката.

– Филмот на последниот натпреварувачки ден на „Канскиот филмски фестивал“ ја имаше својата премиера, а екипата уште пред да почне проекцијата беше дочекана со 15-минутни овации во огромната „Лумиер сала“ во фестивалската палата во Кан. Салата, која сместува 2.300 гледачи се преплави од емоции по тричасовниот најнов филм на Нури Билге Џејлан, и заглушувачкиот аплауз од многубројниот аудиториум беше импресивен израз на одобрување и воодушевување од виденото. Пред публиката беше претставена целата екипа на филмот и најголемиот поздрав секако му беше упатен на Џејлан, кој очигледно е голем миленик на канската публика. Во исто време во уште две сали имаше специјални проекции за новинари. Следниот ден филмот со голем интерес беше проследен на фестивалската прес-конференција. За време на фестивалот Македонската филмска агенција беше вклучена во промоцијата на филмот и многумина филмски професионалци, некои и со искрено завидување, честитаа за нашето учество во овој врвен културен проект – велат од продукцијата „Сестри и брат Митевски“.

„Дивата круша“ доби позитивни критики во најпрестижните светски медиуми, а строгите филмски критичари од ФИПРЕСЦИ го оценија со најмногу бодови од сите филмови во официјалната конкуренција.
– „Дивата круша“ е нежен, хуман, прекрасно направен и прекрасно изглумен филм на турскиот филмски режисер и поранешен победник на „златна палма“, Нури Билге Џејлан: луциден, хумористичен и нескротлив во својот непогрешлив и многу привлечен стил – напиша Питер Бредшоу од „Гардијан“.
Престижниот „Варајати“ оцени дека тоа е уште едно визуелно богато камерно дело од Нури Билге Џејлан, кое гради прецизни реторички сцени со неверојатна густина.

– Со овој филм на Македонија ова ѝ е второ учество во главната програма на „Канскиот филмски фестивал“ и повторно бевме дел од врвната европска и светска културна сцена претставени и дочекани со најголема почит. Повеќе од достоинствено бевме претставени на овогодишното издание на најголемата смотра на филмската уметност, каде што може да се биде присутен само со најдобри и најквалитетни проекти. Мора да се истакне важноста на институционалната поддршка, а наедно да ѝ се изрази и благодарност на Агенцијата за филм на РМ за овозможувањето на соработката со овој важен филмски автор, еден од најголемите во ова време. Како мала земја мораме преку културата да се избориме за меѓународен углед и ова е еден од начините да ја градиме својата репутација. Мораме да се стремиме само кон врвот и ова е одличен пример како на вистински начин да ја претставуваме нашата култура – порачаа од „Сестри и брат Митевски“.