Дебатата за слободата на творештвото никогаш не е завршена

151

ГОРАН РАДОВАНОВИЌ, ФИЛМСКИ РЕЖИСЕР

Стојан Синадинов,
специјално за „Нова Македонија“ од Солун

Кога првпат го запознав српскиот филмски режисер Горан Радовановиќ на фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“ во 1991 година во Битола, со неговиот предлог го завршив и мојот фестивалски извештај за тогашниот неделник „Екран“.
„Ако Црна Гора сака да се прогласи за еколошка држава, тогаш Македонија може слободно да се прогласи за филмска република, во која ќе се снимаат странски, холивудски продукции: има предели за снимање во сите годишни времиња, има и филмаџии…“, велеше Радовановиќ пред 28 години. Оттогаш поминаа многу годишни времиња, неколку холивудски филма делумно беа снимени и во Македонија, а Радовановиќ работеше како асистент на режија, сценарист („Октоберфест“), потоа сними неколку успешни кратки и долгометражни документарни и два играни филма, „Итна помош“ (2009) и „Енклава“ (2015, српски кандидат за „оскар“). „Енклава“ беше во германска продукција, забележа голем успех на фестивалите и имаше широко телевизиско прикажување низ Европа…

Годинава Радовановиќ е актуелен поради еден исклучителен и необичен долгометражен документарен филм – „Случајот Макавеев или процес во киносалата“. Радовановиќ снимил динамичен документарец, базиран на тонските ленти снимени за време на „дебатата“ во новосадското кино „Арена“, на која „спонтано“ дојдените работници-верници на социјализмот го осудуваат авторот, а критички настроени интелектуалци го бранат филмот „В.Р. мистерии на организмот“ на Душан Макавеев по неговиот одличен настап на Канскиот фестивал во 1971 година. Филмот е посветен на сексолошката филозофија на Вилхелм Рајх и, да биде парадоксот поголем, Рајх во САД во 1960-тите години бил сместен во лудница, а странските критичари пишуваа во суперлативи за делото на Макавеев како комунистички ориентиран автор. Старата болка на источноевропскиот интелектуализам: славен надвор, критикуван и репресиран дома.

Макавеев (1932 – 2019) е култна фигура на „црниот бран“ и критичкиот политички филм во бивша Југославија, а „В.Р. мистерии на организмот“ одамна е класика, заедно со другите негови дела, како „Човекот не е птица“, „Љубовниот случај на ПТТ-службеничка“, „Невиност без заштита“, „Свит муви“, „Монтенегро или бисери и свињи“, „Кока-кола кид“, „Манифесто“, „Горилата се капе напладне“…
„Случајот Макавеев или процес во киносала“ беше шлаг на тортата на „Балканскиот преглед“ на 60-от Интернационален филмски фестивал во Солун, каде што беше прикажана ретроспективата на филмовите на Макавеев. Радовановиќ го завршил филмот годинава, непосредно пред смртта на Макавеев и главната актерка во „В.Р. мистерии на организмот“, Милена Дравиќ. Но освен како емоционален омаж, „Случајот Макавеев или процес во киносала“ може – и треба! – да се гледа како уште едно камче во никогаш довршената дебата за слободата на творештвото.
На почетокот на разговорот на шега забележувам дека ако Радовановиќ можел да сними интересен и динамичен документарец само врз основа на тонски ленти, тогаш наредниот филм сигурно ќе му биде според телефонски именик. Но, настрана шегите, Радовановиќ, за разлика во претходните остварувања, во „Случајот Макавеев или процес во киносалата“ има прочистена естетика, со чисти кадри.

– Во право сте, овој филм визуелно е многу поаскетски. Не го сакам терминот минимализам, па затоа ќе кажам дека „Случајот Макавеев“ е поедноставен во самиот кадар, а монтажно е задржан тој некој принцип на „монтажна атракција“, од два спротивставени поима да се создаде трет, потоа повеќе симболизам и поголема слоевитост – вели Радовановиќ.
Секако дека неговиот филм е посвета на Макавеев, но не во смисла да го имитира, туку да асоцира на неговиот посебен стил.
– Има референци на неговите филмови, но, од друга страна, „Случајот Макавеев“ е конкретен филм со конкретна тема. Практично, како што добро забележавте, тој е и омаж, но и автохтоно уметничко дело со своја приказна, своја драматургија – коментира Радовановиќ.
Документарниот жанр, и кај Радовановиќ, сè повеќе станува хибриден жанр, бидејќи се користи сета логика на играниот филм: монтажните принципи, драматургијата и преостанатите елементи се попримерени на играниот, отколку на документарниот филм. Приказната за тонската лента е интересна. Таа се вртела низ уметничкиот андерграунд во Белград со децении, но пред некоја година добила дигитален формат.

– Во Културниот центар на Нови Сад, кај Ѓорѓе Каќански, ги најдов лентите и кога ги видов дека постојат физички, сфатив дека ја имам историјата на југословенскиот в раце. Имаше 4 ленти, петтата, токму онаа на која бил снимен говорот на Макавеев, е изгубена или украдена, но тонскиот снимател што тајно ја снимил дебатата направил транскрипт и неговото излагање во документарецот го говори Светозар Цветковиќ, еден од омилените актери на Макавеев. Човекот е субјективен, и немаше потреба да ги снимам луѓето од таа дебата денес. Мене ми беше важно што говореле тогаш. Во мојот филм некои од тие луѓе се појавуваат без збор, слушајќи си ги зборовите што тогаш ги изговориле, и на тој начин сакав да ја прикажам минливоста на идеологиите – објаснува Радовановиќ.
Според него, ние сме склони во цензурата да гледаме нешто исклучиво недемократско начело. А цензурата е составен дел од уметноста и ја следи низ историјата, неколку илјади години.

– Отсекогаш постоела таа некоја „официјална“ уметност, а од друга страна обидите некој да ѝ даде индивидуален поглед. И Сикстинската капела во времето на нејзиното градење била чудо, со неочекувани иконографски решенија. Значи, цензурата е широк поим, а овде, на Балканот, ја доживуваме прозаично: некој локален шеф на државата или партијата не дозволува критички однос кон него или неговата идеологија. Тоа е наследство на титоизмот, никој не смеел да зуцне против него, се одело в затвор. Ние поимот „цензура“ го врзуваме за стравот од државата. Цензурата е нешто што нè следи низ уметничкото творештво, може да биде во духот на автоцензурата, се пројавува на разни начини. Но најстрашно е што денес вие можете да снимите, да напишете или изговорите што било и никој нема да обрне внимание на тоа! – вели режисерот.

Јазикот на метафората, „езоповскиот“ јазик е примерен на уметниците што сакаат да ја избегнат политичката цензура, создава цел еден нов систем на нови драматуршки вредности со кои ги спроведува своите идеи. А економската цензура претставува една тотална незаинтересираност за неподобните.
– Можете да направите што било, но никаде не можете да го прикажете тоа. „Случајот Макавеев“ денес е невозможно да се повтори, еден филм да биде во центарот на идеолошката дебата, но тогаш марксистичката идеологија и нејзината чистота биле важни. Тоа било библија. А дали во тоа време можело Библијата да се купи во книжарниците? Секако дека не можело, имало само едно единствено дозволено видување на светот. А кога во неговиот филм била допрена една друга „библија“, московската на Сталин, бранителите на идеологијата се разбудиле. Но ако се навратиме на распадот на Југославија, ќе видиме дека таа идеолошки фундирана држава се распадна заедно со онаа во Москва – потсетува Радовановиќ.
Но не се распадна Кина, го потсетуваме соговорникот.

– Кина не се распадна бидејќи делумно го прифати либералниот капитализам, една многу духовита ситуација. А ние кокетиравме со Западот, го прифативме неговиот консумеризам, но не како отворена либерална капиталистичка позиција, туку како шармантен рефлекс на сите оние кредити што потоа ги враќавме. Многу верувавме во некоја наша балканска специфичност, која почиваше на еден шармантен водач, Тито, кому му ја проштевавме желбата за бесмртност, Голи Оток, стрелање луѓе без судење, а сето тоа во име на некоја светла иднина. А што е тоа ако не е сталинизам – смета Радовановиќ.

Дури и помладата публика денес е заинтересирана за тој дел од историјата на идеологиите. Радовановиќ смета дека тоа произлегува од тоа што во светот денес Маркс е повторно интересен, особено во економската сфера, поради големата економска криза кога државата се вмеша во тековите на либералниот капитализам, интервенирајќи во индустријата, банкарскиот систем, што порано било карактеристично за источниот комунистички блок.

– Кај нас постои и таа југоносталгична црта, бидејќи луѓето ја доживуваат Југославија како идеална заедница на народите, но со забрана за поинакво толкување на историјата пред крајот на Втората светска војна. Ние ништо не знаевме за ВМРО, за католичката црква во Словенија и слично. Денес младите на тоа гледаат низ оптика на романтизмот, на тоа како во Југославија снимал Ричард Бартон и заедно со Елизабет Тејлор пиеле шампањско кај Тито, што сепак е малограѓански пристап. Но тој романтизам не ни користи да ги сфатиме проблемите на општеството во кое се наоѓаме – вели Радовановиќ.

Тој секогаш претпочита да ги прикажува неговите дела на сопственото „буниште“ во Србија и во поширокото соседство, бидејќи смета дека културата е штитот на идентитетот. А народите што ја почитуваат културата дома, ќе бидат и политички почитувани во светот.

Светозар Цветковиќ во сцена од „Случајот Макавеев или процес во киносалата“