Две нови книги на Методи Чепреганов

442
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Деновиве од печат излегоа две нови книги на професорот Методи Чепреганов. Првата носи наслов „Симптоматски епилепсии“, а втората „Агресија – моќта на човечкиот деструктивен нагон“. Доктор Чепреганов, невропсихијатар – епилептолог, најпознатиот стручњак за епилепсии во Македонија, заедно со светски познатиот неврорадиолог професор Жан Луи Дитман од Франција, во оваа монографија ги претставуваат најновите сознанија за неуромејџинг-дијагностиката на епилептичните фактори, заедно со клиничките аспекти за појава на напади и најновите достигнувања во лекувањето на оваа болест. Опишани се сите можни досега познати пристапи и методи што придонесуваат дијагнозата да биде поверодостојна, а во клиничкиот дел се обработени досега познатите форми на епилептични напади. Во поглавјето за терапија поместени се најновите сознанија за употреба на антилептици, нивните својства, дејство, контраиндикации и секундарни појави. Коавтор кон книгата е и неврологот Тања Чепреганова-Чанговска.

Во книгата насловена „Агресија – моќта на човечкиот деструктивен нагон“ е прикажана анатомијата на клиничката експресија на тој нагон, толку присутен во современиот свет. Во книгата, заедно со Теодора Костовска, интернационален учител на „Уметност на живеењето“ ја елаборираат агресијата секојдневно присутна во нашите интерперсонални односи, дома, на работа, на улица, дури и во дипломатските односи меѓу државите, од сите познати аспекти во актуелните психијатриски научни сознанија. Авторите оценуваат дека еден од главните креатори и подгревачи на најголемата опасност на иднината за секого од нас е проблемот на агресијата, поточно на моќта на деструктивниот инстинкт од нас и врз нас самите, сосема свесни дека „човек на човека му е волк“. Рецензент на монографијата е архимандрит Григориј Настески од манастирот „Свети Јоаким Осоговски“.